Чарли Кирк не е Кенеди ни Мартин Лутер Кинг!

Убиството на Чарли Кирк на 10 септември 2025 година во Универзитетот Јута Вели предизвика лавина реакции во САД, но и обиди за симболичко „врамување“ на неговата фигура во пантеонот на националните митови кај американците. Меѓу највпечатливите беше пораката на Роберт Ф. Кенеди Џуниор: „Повторно, куршум го замолкна најелоквентниот говорник на своето време“ – јасна алузија на неговиот чичко, Џон Ф. Кенеди. Но ваквите споредби повеќе кажуваат за денешната политичка потреба од легенди, отколку за историската реалност.
Пишува: Леон БАКРАЧЕСКИ

Самиот контекст на Кирк е поинаков. Како основач на Turning Point USA и Turning Point Action, тој изгради агресивна машинерија за мобилизација на младите и стана една од клучните фигури во современото „Мага“ движење – со огромно медиумско присуство, пристап до донатори и директно влијание врз кадрирањето на администрацијата на Трамп. Неговата смрт ги потресе сојузниците токму затоа што ја загубија еден од најумешните организатори и амплификатори на пораката.

Но ако се измери со мерилата на Кенеди или Мартин Лутер Кинг, споредбата пука по шевови. Кенеди е претседател кој во најжешките моменти од Студената војна ја избра деескалацијата, а Лутер Кинг е морален столб на ненасилното движење за граѓански права – чии говори и жртва се темел на донесувањето на Законот за граѓански права од 1964 година. Кирк, напротив, јавно тврдеше дека токму тој закон бил „огромна грешка“, а за Кинг рече: „MLK беше ужасен. Не е добар човек“ – став што подоцна сам го потврди. Овие позиции се суштински спротивни на наследството на Лутер Кинг и на вредносниот оквир на самиот закон.

Кирковиот активизам исто така беше длабоко вгнезден во ревизионистичкиот наратив околу изборите во 2020 година. Неговата организација финансираше автобуси кои носеа поддржувачи на митингот во Вашингтон на 6 јануари, настан што прерасна во насилен упад во Капитол. Иако првично тврдеше за „80+ автобуси“, подоцна неговиот портпарол наведе дека биле седум автобуси со околу 350 студенти – сам по себе индикатор за степенот на мобилизација и за улогата во инфраструктурата на „Stop the Steal“.

Паралелно со политичката мобилизација, Turning Point USA градела и идеолошка инфраструктура преку „лепење етикети“: листи на „сомнителни“ професори и училишни одбори, што универзитетската заедница ги доживуваше како притисок врз академската слобода. Тоа е пристап на обвинителски, а не на интегративен јазик – уште една длабока разлика од методите на Кинг кој градише широки коалиции преку морален апел и ненасилна дисциплина.

Кирк остави трага и во екосистемот на дезинформации за пандемијата – од промоција на неосновани тврдења за хидроксихлорокин, до обвинувања кон јавни институции. Платформите во повеќе наврати отстрануваа содржини поврзани со ваквите наративи, што го постави Кирк во прв ред на „инфодемија“ која директно контрадиктира со јавното здравје. И ова е клучно одстапување од етиката на Кенеди и Кинг: и двајцата ги темелеа своите јавни повици на доверба во институциите и фактичност во критиката, а не на намерно разлабавување на консензусот за реалноста.

Финансиски, Turning Point прерасна во добро подмачкана машина со силна донаторска мрежа и драматичен раст на приходите, но не без контроверзии. Истражување на ProPublica предупреди на проблематични практики во ревизиите и на примерок на самооблагодетување на раководството; неодамнешни податоци покажуваат приходи од десетици милиони долари годишно. На политички терен, ќерката-организација Turning Point Action беше казнета од Федералната изборна комисија за прекршоци поврзани со донаторска транспарентност. Овие факти потврдуваат дека станува збор за моќен, но и остро оспоруван партиско-активистички проект – повторно, далеку од институционалната тежина и историската улога на Кенеди и Кинг.

И конечно, политичкиот стил: Кирк е емблем на културната војна од 2020-тите – реторика на острење фронтови, медиумска спектакуларност, „вирални“ поенти и јавно засрамување на противници. Кај Кенеди, најсилните моменти се во државничка одговорност и смирување на спиралата на ескалација; кај Кинг – во сериозноста на саможртвата и во градењето морално мнозинство преку ненасилни маршеви, бојкоти и проповед. Дури и ако некој од поддржувачите сака да го чита Кирк како „глас на една генерација“, тој глас е по дефиниција партиско-мобилизациски, а не национално-обединувачки.

Политичкото насилство е недвосмислено за осуда; тука НЕ МОЖЕ ДА ИМА дилема. Но осудата на насилството не значи и историско израмнување. Кога денес, во афект и идеолошка солидарност, се произведуваат аналогија со Кенеди и Кинг, тоа повеќе е обид да се присвои моралниот капитал на две фигури кои симболизираат државни и општествени пресврти засновани на инклузивност, право и ненасилна дисциплина. Кирк, со своите сопствени избори и изговорени зборови, стои на друго место во американската историја.

Зачлени се на нашиот е-билтен