Додека секојдневно загадениот воздух во Скопје станува сè потежок за дишење, денес и Средно Водно и Милениумскиот крст беа преполни со луѓе. Од најмлади до најстари, скопјани масовно се искачуваа на планината – во своевидна инхалациона терапија, бегајќи од чадот, прашината и токсините во градот.
„Веќе не се издржува. Во Скопје воздухот е како во гасна комора,“ велат граѓаните. „На Водно барем можеме да здивнеме и да ги исчистиме белите дробови, макар и на неколку часа.“
Додека во градот секојдневно горат нови пожари и ситуацијата наликува на сценарио во кое Скопје полека станува „мал Чернобил“ по застапеност на отрови во воздухот, Водно останува последната урбана оаза. Тоа е среќата што Скопје ја има – планина во сред град, место каде што луѓето барем привремено можат да избегаат од загадувањето и да почувствуваат што значи чист воздух.
Апелот на граѓаните е јасен: ако веќе институциите не преземаат мерки, барем поединечно најдете начин да го спасите сопственото здравје. „Одете на Водно, дишете длабоко, прочистете се барем малку – тоа денес е најголемиот луксуз што можеме да си го дозволиме,“ порачуваат тие.