Онлајн настава во четири училишта поради пожарот во Трубарево

Поради големиот пожар во Трубарево, кој вчера попладне го зафати складиште со електронски отпад и предизвика ширење на густ и токсичен чад над источниот дел од Скопје, наставата во четири училишта во општина Гази Баба ќе се одвива онлајн во наредната недела.

На итна седница на Владата, министерката за образование и наука Весна Јаневска информираше дека од 15 до 19 септември часовите во ООУ „Крум Тошев“, ООУ „Његош“, ООУ „Вера Јоциќ“ и ООУ „Наум Наумовски Борче“ ќе се реализираат преку далечинско учење.

Причина за оваа одлука е опасноста по здравјето на учениците поради чадот од горење на јонски-литиум батерии, кои ослободуваат канцерогени честички во воздухот.

Министерството за животна средина соопшти дека на местото на пожарот ќе биде поставена мобилна мерна станица што ќе го следи квалитетот на воздухот 24 часа дневно.

Пожарот започна вчера околу 14 часот и беше изгаснат дури по полноќ. Во текот на повеќечасовното гаснење чадот ја прекри речиси половина метропола, а жителите на источниот дел на градот пријавуваа силна непријатна миризба, печење на очите и грлото.

Зачлени се на нашиот е-билтен