Уште едно утро, уште еден протест. Жителите на општина Аеродром со маски на лицата, веќе неколку дена по ред го блокираат мостот Близнаци, револтирани од енормното загадување што го гуши Скопје. Под слоганите „Сакаме воздух“, „Чистиот воздух не е луксуз“ и „2.500 мртви секоја година“, граѓаните порачаа дека повеќе нема да молчат за проблемот кој им го загрозува животот.



„Вдишуваме отров. Не бараме ништо повеќе од нашето основно право – да дишеме чист воздух,“ велат жителите, кои своето чувство на бес и револт јавно го искажаа на улица.
Иако најмногубројни беа повозрасните, на протестите се приклучија и граѓани од средните генерации, а пред неколку дена на истото место протестираа и децата од Аеродром. Нивниот глас одекна силно: бараат иднина во која ќе можат да растат без страв од болести предизвикани од загадениот воздух.




Според невладините организации и здравствените статистики, загадувањето во Македонија годишно одзема илјадници животи. Само бројката од 2.500 предвремено починати лица секоја година е доволен аларм дека институциите мора итно да преземат мерки.
Протестите кај мостот Близнаци се само уште едно потсетување дека граѓаните не се подготвени да се помират со тивкото уништување на нивното здравје. „Воздухот е право, а не привилегија“, порачаа од Аеродром.