Од ден на ден, од изјава до изјава, премиерот Мицкоски така се заплеткува што станува предмет на потсмев во јавноста. Ниту “машинеријата”, што како наследство му ја остави Груевски, не може да ги избрише “легендарните” коментари, што негови, што на неговите блиски соработници, дека причинителите на пожарите е тоа што нема доволно овци за да ја испасат тревата или дека лисиците со опашките се пренесувачи на пожар!
Можеби се на граница да личат на вицовите на оние од К-15, но ѓаволот ја однесе шегата кога ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот лидер посегнаа со обвинувања против граѓаните и против опозицијата. Тие директно ги вмешаа во политичката битка за опстанок и за покривање на неспособноста да се справат со предизвиците со кои се соочија како Влада.
Мицкоски сега веќе користи тешка артилерија во обвинувањата. Прво директно ја обвини опозициската СДСМ дека ги подметнува пожарите, потоа следеше изјавата дека станува збор за хибридни напади, за да кулминира со последната изјава дека “влијателни центри на моќ во земјата поврзани со надворешни такви центри работат на уривање на Владата” преку пожари и други хибридни активности. Клучна додавка на ваквото тврдење што му дава дополнителна тежина е дека за тоа “имаат информации”!
Оваа синтагма веднаш сугерира дека зад таквото тврдење стојат “службите”, односно АНБ и АР.
Што тоа подразбира во организирана држава се знае и за тоа веќе пишуваа повеќе новинари, интелектуалци и експерти по безбедност: Претседателката да свика Совет за безбедност, да се информираат НАТО партнерите и т.н.
Исто така сега ќе треба Мицкоски или Бојан Христовски да одговорат од каде им се “информациите што ги имаат”?
Дали можеби се стекнати со следење на лидерите на опозицијата, кои веќе претходно се апострофирани како сторители на пожари и од таму како „домашни центри на моќ” кои „лешинарат” и работат против Владата.
Ако е така, тогаш на кој начин АНБ го прави тоа, дали со судски налог или неазконски, за што ќе треба некоја идна собраниска комисија да изврши увид, или пак повторно ги вклучија “жолтите комбиња” за прислушување на граѓаните и политичките противници чија бројка од ден на ден се зголемува!
Премиерот веќе два пати ја користи АНБ во политички цели и ако нема докази за тоа, тогаш изјавата може да изгледа како политички спин што ја поткопува довербата во АНБ.
Ако „информациите“ сепак доаѓаат од АНБ, тогаш премиерот се повикува на класифицирани податоци. Во тој случај, изјавата на Мицкоски е сигнал дека институциите навистина обработуваат таков случај, иако не смеат јавно да откријат детали. Но тоа отвора прашање: зошто се изнесува јавно нешто што е во тек и чувствително, без докази?
Ако АНБ навистина доставила такво предупредување, НАТО-партнерите ќе бараат споделување на докази. Ако не доставила, тогаш Мицкоски длабоко ја вовлекува АНБ во политичка реторика, што е проблем и за кредибилитетот на службата и во контекст на довербата во НАТО!
Р.Р.