Џими Кимел не е „општествено-политички работник“ на Социјалистичка федеративна република (Македонија) Југославија!

Џими, ако ти треба Законот за печат на СФРЈ – го има целиот пречистен текст на интернет со сите негови измени, а се споменува и во Уставот од 1974 година.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Изгледа се претера со говорот на слобода и во земјата на слободните и лулката на демократијата. Каков убав збор „лулка“ – веројатно 90% од генерацијата Икс/Зет немаат поим што значи, а веројатно и со поимот „демократија“ ќе имаат јазичен предизвик.

И, речиси секогаш и без исклучок, кога ќе се појави темата „Слобода на говор“, се цитира Волтер и неговата реченица: „Не се согласувам со тоа што го кажуваш, но до смрт ќе го бранам твоето право да го кажеш“. Единствената грешка која и јас ја правев е таа што ова никогаш не го кажал Волтер, туку Евелин Беатрис Хол во нејзиното дело Пријателите на Волтер од 1906 година, кое го напишала под псевдоним С.Г. Талентајар. Иако ова не се зборови на самиот Волтер, се работи за сумирани негови ставови посветени на слобода на говорот и, без никаква дилема, тој би застанал зад овој став, така што суштински грешката не е грешка.

Доцна вчера вечер, во Соединетите Американски Држави, некој донесе одлука дека нема да го брани правото на слобода на говор на Џими Кимел, туку напротив, ќе се обиде да го забрани. Ова можеби не би била вест самата по себе, доколку се случуваше во некоја друга земја, но можеби, како во случајот со Волтер и неговата пријателка, и јас грешам – и би била вест! Во секој случај, треба да биде вест.

Што точно се случи вчера со емисијата „Џими Кимел во живо“?

Во Америка, за тие кои не го познавате нејзиниот медиумски мозаик, постојат четири големи телевизиски мрежи, или со наша терминологија, веројатно национални телевизии. Тоа што е различно е моментот дека мрежите не се обични телевизии – тие се и продукции, и воедно цела индустрија се врти околу нив. Секоја од овие мрежи има таканаречени филијали или помали телевизии распостранети низ целата територија на САД.

Е, сега, емисијата на Џими се емитува на „ЕЈ-Би-Си“ (ABC), една од овие четири национални мрежи. Во неговата емисија Џими прави осврт на неодамнешниот атентат на конзервативниот активист Чарли Кирк. Зборовите на Џими Кимел предизвикуваат реакции низ јавноста, чиј пак резултат е закана на претседателот на Федералната комисија за комуникации, извесен Брендан Кар, дека ќе преземе мерки против филијалите на Еј-Би-Си кои ќе ја емитуваат емисијата. Заканата останува нереализирана сепак бидејќи проработува добрата стара автоцензура, за која ние во нашиот дел од планетата знаеме многу, и доцна вчера се случува сега веќе историското суспендирање на емисијата на Кимел од страна на раководството на Еј-Би-Си.

Или, за да бидеме прецизни, емисијата на Џими Кимел е суспендирана на одреден временски период!

Ги пренесувам точно зборовите на Џими за настаните по убиството, кои доведуваат до оваа автоцензура од страна на неговите работодавци:

„Многумина во MAGA-кампот работат многу напорно за да профитираат од убиството на Чарли Кирк.“

„Овој викенд достигнавме ново дно, во кое MAGA бандата се обидува да го претстави момчето што го уби Чарли Кирк како нешто поинакво од еден од нив и прави сè што може за да извлече политички поени од тоа.“

„Ова не е начин на кој возрасен човек жали за убиството на некој што го нарекувал пријател. Ова е начин на кој четиригодишно дете жали за златна рипка.“

Џими Кимел, по сите настаните, неофицијално изјавил дека нема намера да се извини за тоа што го рекол, но дека може да даде објаснување. Како што стојат работите, тоа ќе треба да го направи, веројатно, на некој друг медиум, а не во неговата емисија.

Овие настани во Америка не се преседан, но навистина се исклучително ретки. Последната пред оваа е укинувањето на емитувањето на шоуто на Роузан Бар – насловено Roseanne, поради нејзин расистички, оквалификуван пост на мрежата Твитер.

Во секој случај, не ми се верува дека ќе се појави некој до смрт да го брани правото на Џими да си каже што мисли гласно, вклучително и раководството на „Еј-Би-Си“.

Пред извесен период, на темава имавме убава дебата со група пријатели, поранешни колеги, и во еден момент, разговарајќи за новинарството во Македонија овие денови, се употреби терминот кој бил општо прифатен во поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, во која новинарите биле ставени во категорија – „општествено-политички работници“.

Не ми се верува дека концептот бил развиен од поединец во таа држава; сметам дека развојот на настаните довел до креирање на оваа “генијална“ кованица за одржување на информациите под контрола и автоцензура, а истовремено овозможувајќи „привид“ на слобода.

Сè уште во Македонија имаме колеги кои работеле во тој период и кои денеска се активни, така што можеби некој од нив ќе може многу подобро да го дефинира начинот на поимување на новинарството, но еве јас ќе се обидам да го доловам тој период во кратки црти, без идеја да бидам провокатор.

Општествено-политички работник е термин кој се користел за поширок круг на професии, не само за новинарите; тука биле и функционери, писатели и други кадри. Нивната „задача“ во СФРЈ била да придонесуваат во изградбата и одржувањето на социјалистичкото општество. Во тој период, новинарите се сметале за дел од самоуправниот систем и, реално, тие се институционално поставувани во медиумите и имале третман како учесници во самоуправно управување, а не како обични работници со задача да ја насочуваат јавноста и да придонесуваат за идеолошко обликување на општеството.

И, сè ова било фино уредено со одредби, правилници и закони, и веројатно тогаш никој не го цитирал Волтер во потесна смисла на зборот.

Мал осврт на неколку формулации од Законот за печат и неговите измени од 1960/1965/1974:

  • „Забрана на објавување материјали кои „тешко го навредуваат моралот или му штетат на воспитувањето на деца и младина““
  • „Обврска на печатот да информира „правовремено, целосно и валидно“ и да биде „принципиелен и во согласност со политиката на народната власт““
  • „Ограничување кои субјекти можат да објавуваат — само „официјални“/самоуправни организации или регистрирани издавачи под контрола“
  • „Казнена/административна механика за „злоупотреба на слободата“ и мерки против ‘непожелни’ публикации (вклучувајќи и даночни/финансиски инструменти против т.н. „шунд“)“
  • „Советодавни/надзорни органи (издавачки совети, ‘предупредувања’ од организации — пример: организации за воспитување на млади) што можат да притискаат уредништва“

Во овие одредби од тогашните законски решенија, многу јасно е наведена конкретна забрана за содржини и ова овозможувало широк простор за ограничување/цензура под оправдување „морал“ и „воспитание“. За разлика од другите источни европски држави, кај нас формално слободата на изразување била гарантирана со закон, со кој истовремено „штампата“ морала да ја следи „политиката на народната власт и самоуправувачките органи“.

Не се сомневам дека напишаново ќе предизвика коментари од типот „браво“, „тоа беше држава“, „така треба да биде и сега“, и да бидам искрен, не се согласувам со овие коментари, но ќе се борам да имате право да го кажувате тоа – но не до смрт!

Џими, ако ти треба Законот за печат на СФРЈ – го има целиот пречистен текст на интернет со сите негови измени, а се споменува и во Уставот од 1974 година.

Слобода или смрт!

Зачлени се на нашиот е-билтен