Од СДСМ посочуваат „Мицкоски ли најде да зборува за департизација на администрацијата?“
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски само во првите 15 месеци спроведоа системско уништување на државните институции преку нивна брутална партизација. На сите им е јасно како оди вработувањето во администрацијата – не е важна дипломата, не е важна стручноста, единствено важно е да имаш партиска книшка од ВМРО-ДПМНЕ. Секоја позиција се партизира. Откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, нема институција која не е подложена на груба партизација, а тоа особено се засили во последниот период – токму пред претстојните локални избори. Преку 700 огласи за вработување се распишаа леотово за вдомување и зголемување на партиската војска на ВМРО ДПМНЕ . МНАВ, Министерството за одбрана и уште десетина институции беа предмет на вработување на исклучиво партиски подобни лица“, велат од СДСМ.

Како пример за роднински и партиски вдомувања за кои, велат дека нема крај, од СДСМ ги посочуваат министрите за дигитална трансформација и за култура, Стефан Андоновски и Зоран Љутков.
„Семејството Андоновски е само еден во морето примери за партиско роднинските кадри вдомени на грбот на народот. Таткото на Андоновски, Љупчо е советник, неговиот брат Игор е началник, додека Стефан е министер, сите во Владата на Мицкоски. Сестрата на министерот за култура Љутков е вработена во Музејот во Велес во овој период“, велат од СДСМ.
Според нив, само овие два примери покажуваат зошто Мицкоски е последниот што може да зборува за „ефикасен јавен сектор“ и „департизација“.