Вчера пред Пред Министерството за внатрешни работи и пред Собранието на Северна Македонија се одржа протест на кој голем борј граѓани и активисти побараа институционална одговорност за фемицидите во Македонија. Повод за протестот беше убиството на Росица Коцева од Велес и нејзиниот татко, застрелани од нејзиниот поранешен партнер Илија, кој потоа си го одзел животот.
Оваа трагедија — e уште еден пример на фемицид. Северна Македонија во 2023 година ги измени одредбите на Кривичниот законик и за прв пат конкретно ги дефинира и криминализира фемицидот, женското генитално осакатување, прогонувањето и сексуалното вознемирување. Овие измени беа поздравени како чекор напред во регионалните напори за препознавање на фемицидот. Северна Македонија стана првата држава во Западен Балкан што го криминализира фемицидот и воведе нови кривични дела поврзани со родово базирано насилство.
Сепак, најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите.
„Фемицид треба да се знае дека е убиство на жена затоа што е жена. Во тој момент насилникот во себе има мотив родово базиран афект да ја убие таа жена. Што е страшно. Поготово е страшно во вакви ситуации кога последнава жртва Росица, а има многу Росици пред неа, имала обид да го пријави насилството, односно го пријавила насилството“, вели во интерцвју за порталот Рацин.мк, Магдалена Чадиноска Кузманоска, социјален ментор во Паблик.
На протесто на кој одекнуваше „Ниту една повеќе!“, граѓаните упатија јасни барања: санкции и дисциплински постапки за полицајци, обвинители и вработени во центрите за социјална работа, како и воведување на обврзувачки протоколи за институциите што постапуваат во случаи на семејно и родово базирано насилство.
Организаторите на настанот остакнуваат дека овој случај е уште една потврда дека:
- МВР и Центрите за социјална работа немаат развиени и ефикасни алатки за процена на ризик;
- Пријавите на жените жртви не се третираат со сериозност и итност;
- Системот повторно ја препуштил жената сама на насилникот, поради што имаме уште еден случај кој заврши со фатални последици.
Како Платформа, сме морално обврзани да повикаме на одговорност и да ја надминеме рамката на едноставни реакции. Нашата заедничка реакција и барањата се насочени кон четири области:
- Итна, темелна и објективна истрага за тоа кој сè бил должен да постапи по пријавите на жртвата, почитувајќи го принципот на должно внимание, и со тоа да го превенира двојното убиство;
- Одговорност и санкции за сите надлежни лица кои не постапиле согласно закон;
- Итно започнување со јакнење на капцитетите за процена на ризик во МВР и ЦСР, кои ќе овозможат рано препознавање, соодветна процена на ризик и спречување на вакви случаи.
- Алоцирање на доволно финансиски средства за обезбедување на сеопфатна заштита на жените жртви на насилство, односно воспоставување и обезбедување одржливост на специјализираните услуги за помош и поддршка на жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство.
Фемицидите не се „изолирани случаи“ – тие се директна последица на игнорантскиот однос на државата кон насилството врз жените. Секоја непреземена мерка, секое игнорирање на пријава, секое одложено постапување чини живот. Животот на оваа жена можеше и мораше да биде спасен. Системот мора да понесе одговорност.