Светскиот ден на Алцхајмеровата болест се одбележува секоја година на 21 септември и е посветен на подигање на свеста за овој најчест облик на деменција, од кој боледуваат над 55 милиони луѓе ширум светот. Се проценува дека на секои три секунди се регистрира нов случај.
Алцхајмеровата болест, откриена на почетокот на 20 век од германскиот психијатар и невропатолог Алоис Алцхајмер, најчесто се јавува кај лица постари од 65 години, а точниот причинител сè уште не е познат. Болеста доведува до постепено пропаѓање на мозочните клетки, а првите симптоми обично вклучуваат проблеми со меморијата, јазикот, ориентацијата и расудувањето.
Со напредување на болеста се јавуваат и промени во расположението и однесувањето, а во најтешката фаза пациентите ја губат можноста за самостојно движење, исхрана и извршување на секојдневни активности, станувајќи целосно зависни од туѓа грижа.
Според стручњаците, постојат непроменливи ризик-фактори (возраст, наследност, пол и семејна историја), како и променливи фактори (социјална изолација, недостиг на физичка и ментална активност, кардиоваскуларни болести, дијабетес, дебелина, повреди на глава, пушење, прекумерно консумирање алкохол и нездрава исхрана).
Иако болеста засега е неизлечива, постојат терапии и нефамаколошки методи – физички вежби, работна терапија, музичка и групна терапија – кои можат да го забават нејзиното напредување. Клучно е раното препознавање на симптомите како што се губење на меморијата, потешкотии при говор и пишување, повлекување од социјални активности и дезориентација.
Превенцијата, според препораките на лекарите, се темели на здрави животни навики: контрола на крвниот притисок и шеќерот во крвта, здрава исхрана, редовна физичка активност, доволен и квалитетен сон, прекин на пушење, одржување на слухот и грижа за менталното здравје.