Мета: Владата со селективна транспарентност

На прв поглед, Владата на С. Македонија изгледа отворена: најавува активности, споделува соопштенија за медиумите и изјавува посветеност кон Стратегијата за транспарентност 2023–2026. Но, зад фасадата на отвореност лежи селективна практика: самите институции одлучуваат кои точки од дневниот ред да ги објават, кои документи да ги одложат, а кои да ги држат затворени. Новинарите зборуваат за сериозни пречки за пристап до клучни информации, додека граѓанскиот сектор предупредува дека слабата транспарентност ја поткопува демократијата и ја намалува одговорноста. Случаите на необезбедување на записници дури и по обврзувачките одлуки од страна на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, јасно го илустрираат овој јаз помеѓу ветувањата и практиката. Но, извршната власт, секако, не го прифаќа тоа и вели дека е отворена, но дека записниците и документите не можат да се објават веднаш бидејќи прво мора да се подготват, да се верификуваат и одобрат на наредната седница, а дотогаш јавноста се информира само преку општи соопштенија, пишува Порталб.мк.

Новинарите велат дека транспарентноста на владата е во голема мера само фасада: таа избира кои информации кои ги споделува, со што го ограничува пристапот до клучни податоци. Според нив, ова го попречува истражувачкото новинарство, го одложува процесот на добивање документи и ја намалува можноста за откривање злоупотреби или неправилности.

Новинарката Маја Јовановска нагласува дека недостатокот на вистинска транспарентност од страна на Владата значително ја отежнува работата на новинарите, особено во областа на истражувачкото новинарство. Според неа, Владата на прв поглед делува отворено – секојдневно информира за нејзините активности и по седниците информира за дел од донесените одлуки, но суштинскиот проблем, додава Јовановска, е што самата одлучува кои точки од дневниот ред ќе бидат споделени со јавноста.

“На тој начин, институцијата не нуди целосна слика за своето работење, туку го селектира и контролира наративот кој ќе стигне до медиумите. За нас, како новинари, тоа значи ограничен пристап до клучни информации и неможност да ја провериме позадината и контекстот на одлуките што директно влијаат врз граѓаните. Ваквата практика го отежнува процесот на истражување, го забавува пристапот до документи и ја намалува можноста да се откријат евентуални злоупотреби или нерегуларности”, вели Јовановска и посочува конкретен случај на недоставување на записникот за разрешување на државниот јавен обвинител, дури и по обврзувачката одлука на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Имавме конкретен случај кој најдобро ја илустрира недостапноста на клучни информации. Во февруари од Владата побарав записник и образложение од владината седница на која беше донесена одлуката за разрешување на државниот јавен обвинител. Владата одби да ги достави со образложение дека стенографските белешки се материјали за ограничена употреба и нивното откривање би ја намалило ефикасноста на работењето на институцијата. На ова решение поднесов жалба до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, која потврди дека Владата е должна да ги достави бараните информации и донесе решение во таа насока. Но и покрај тоа, документите никогаш не ми беа доставени. Овој случај јасно покажува дека дури и кога постои законска обврска, Владата може произволно да го ограничи пристапот до информации. А станува збор за одлука од исклучителен јавен интерес – разрешувањето на првиот човек на обвинителството – за која Владата е должна да даде целосно и транспарентно образложение”, заклучува Јовановска.

Новинарот Фисник Џелили нагласува дека голем број ветувања на актуелната влада за транспарентност останале само на ниво на слоган. Одговорите, според него, се површни, додека официјалните документи често се даваат со задоцнување или воопшто не се даваат. Ова, покрај тоа што ја отежнува работата на новинарите, создава и лажна фасада на отвореност пред граѓаните.

„Сегашната влада, која дојде на власт со многу ветувања за транспарентност и отчетност, денес често пати се однесува на затворен и селективен начин кон јавноста и медиумите. Дадените одговори се претежно површни, додека суштинските информации како што се официјалните документи, предложените закони или материјалите кои што се навистина од јавен интерес се чуваат скриени од јавноста, се даваат со задоцнување или не ни се даваат кога ние како новинари ќе ги побараме. Ова однесување не само што ни ја отежнува работата како новинари, туку честопати го претвора процесот на информирање во постојана борба за добивање информации. Јавноста заслужува целосна транспарентност, а не празни изјави – вели Џелили.

Тој подвлекува дека многу често бил игнориран од Владата, т.е. не добил никакви одговори за побарани документи или за прашања од јавен интерес.

„Постојат конкретни случаи каде што овој недостаток на транспарентност спречил целосно известување за прашања од јавен интерес. Владините состаноци честопати се придружени само со некои општи соопштенија, без придружни документи, оставајќи големи празнини за медиумите и граѓаните. На овој начин се создава лажна фасада за божемна отвореност. Овој контраст помеѓу почетната еуфорија од ветувања и денешната избледена реалност ја поткопува довербата на граѓаните и покажува дека транспарентноста е сè уште повеќе слоган отколку практика. Од искуство, можам да кажам дека Владата честопати ги игнорираше моите барања за документи и детали за прашања од јавен интерес. Имам многу неодговорени мејлови и мислам дека јас не сум единствен таков случај“ – нагласува Џелили.

Владата, иако декларира дека е посветена на транспарентноста и спроведувањето на Стратегијата 2023-2026, одговара главно со процедурални оправдувања. Во врска со целосните агенди, вели дека не може да ги објави еден ден пред седницата поради можните промени во дневниот ред. Во врска со записниците, нагласува дека тие поминуваат низ подготвителна постапка и постапка за одобрување пред објавување, додека во врска со преводот на албански јазик, тоа се прави откако ќе заврши процесот и ќе се проверат документите. По секоја седница, се испраќаат соопштенија за јавноста.

„Дневниот ред и содржината за владина седница се усвојува на почеток на секоја владина седница. Заради точноста во информирањето и можноста за промена на агендата, во интерес на вистината, невозможно е секогаш да се објави дневен ред или целосна агенда за владина седница ден пред нејзино одржување. Како одговор на прашање за објавување на записниците, повторно посочуваме на фактот дека секој записник минува низ процедура на подготовка и мора да биде усвоен на некоја следна седница, кога ќе биде подготвен. Записник не може да биде објавен без формално усвојување од страна на владата на седница. Записникот се дава на усвојување откако ќе бидат исполнети сите услови за нивно усвојување, за потоа да биде и објавен. Процедурата подразбира дека по завршување на секоја владина седница, службата за седници го подготвува записникот, по потпишувањето на сите заклучоци и акти од седницата од страна на претседавачот на седницата. Откако ќе се затворат сите предмети од седницата, со нивно потпишување и реализирање, се подготвува записникот така што се проверува да соодветствува со електронската евиденција на е-Влада, номо-технички и редакциски да се корегира, по што се предложува за усвојување на наредната  седница. Записниците се објавуваат на македонски јазик на веб-страната на Владата и истите се преведуваат и на албански јазик а по завршувањето на преводот, документите се проверуваат и лекторираат, по што се објавуваат”, велат од Владата.
На прашањето кои се главните предизвици во спроведувањето на Стратегијата за транспарентност 2023–2026, особено во однос на транспарентноста на владините седници, Владата не дава никаков конкретен одговор. Наместо да идентификува пречки, како што се можеби недостаток на персонал, доцнења на преводите, технички капацитети или политичка волја, таа само повторува дека е посветена на отвореноста и транспарентноста. Ова создава впечаток дека институциите не го признаваат постоењето на реални предизвици, како тие воопшто да не постојат, иако граѓанскиот сектор и новинарите честопати ги документирале овие проблеми.

Според Фондацијата Метаморфозис, напредокот во зголемувањето на отвореноста на извршната власт бележи застој во последните години, па дури е забележан и мал пад. Недостатокот на транспарентност не само што го ограничува пристапот на граѓаните до информации, туку и ја намалува отчетноста на институциите и отвора пат за корупција.

Во земја каде што концептот на отворени податоци беше воведен од 2011 година, напредокот е бавен. Над 80% од институциите немаат обучен персонал за објавување на отворени податоци, што го отежнува следењето на работата на Владата.

Данче Даниловска-Бајдевска од Фондацијата „Метаморфозис“ вели дека напредокот во зголемувањето на транспарентноста и отвореноста на извршната власт е во застој последните години, што значи дека подобрените резултати од минатото застанале на одредено ниво, па затоа немало значителна промена во последните години.

“Дури констатиран е и благ пад на отвореноста на извршната власт во земјата, кој за среќа сеуште не влијае на рангирањето на извршната власт споредена со регионот на Западен Балкан. Ние постојано препорачуваме засилена имплементација на постојните политики со кои се унапредува отвореноста на Владата, на министерствата и извршните органи, со цел да се постигне напредок во отвореноста, затоа што неспорно е дека слабиот напредок во унапредувањето на транспарентноста влијае на помало информирање на граѓаните, а отсуството на активни граѓани во креирањето на политиките и носењето на одлуките ја еродира демократијата и ја намалува отчетноста на институциите”, вели Даниловска Бајдевска.

Недостатокот на транспарентност, додава таа, е плодна почва за развој на корупцијата и еден од начините за промовирање на транспарентноста е преку дигитализација на процесите и дека дигитализацијата се наметнува токму како алатка за борба против корупцијата, што покажува дека коруптивните практики сега се манифестираат полесно во услови на ниска транспарентност.

И покрај законската основа за отворени податоци од 2014 година, напредокот, според неа, бил многу бавен.

“И покрај обезбедувањето правна основа уште во 2014 г. за отворените податоци, напредокот е многу бавен. Граѓаните сè уште не можат да го забележат големиот потенцијал што овие податоци можат да го донесат. Отворените податоци директно влијаат на зголемување на транспарентноста, односно со користење на отворените податоци јакне политичкиот интегритет. Во ера на дигитализација достапноста од отворени податоци е од исклучителна важност и за борбата против корупцијата. Но, од набљудувањата кои ги спроведува Метаморфозис преку Индексот на отвореност, континуирано се забележува дека мнозинството институции од извршната власт, над 80%, немаат обучен персонал за користење и објавување отворени податоци. Со една реченица можам да кажам дека во отсуство на отворените податоци, набљудувањето и показателите за транспарентност се ограничени”, заклучува Даниловска Бајдевска.

Од последните 34 седници проверени на 04.09.2025, само 4 записници не беа објавени ниту на македонски ниту на албански јазик. Покрај тоа, записниците од 9 седници воопшто не беа објавени на албански јазик, што укажува на јасен проблем со спроведувањето на двојазичното објавување на информациите и вистинската транспарентност на Владата.

Владата и министерствата се должни да ги објавуваат документите и седниците што ги одржуваат, согласно Стратегијата за транспарентност 2023-2026 во кој се наведува:

„Владата и органите на државната управа треба да објавуваат податоци дури и без да ги користат механизмите за пристап до информации од јавен карактер утврдени во законската регулатива и врз основа на методологии што ќе покажат како да се објавуваат информации и податоци што бараат понатамошна обработка. ВРСМ и јавните органи треба да се кооперативни и да користат иновативни алатки, методи и системи за да се зголеми транспарентноста на сите нивоа на власта. ВРСМ и јавните органи треба да побараат повратни информации од јавноста за процена и за подобрување на своето ниво на транспарентност, но и за да идентификуваат нови можности/начини за подобрување. Активната транспарентност се постигнува и со проактивна комуникација со граѓаните, со состаноци и средби, со лесно и јавно  дотапни записници од состаноци и од седници, како и со практични услуги што за граѓаните се нудат преку дигитални канали.“

Значи, како што може да се види, Стратегијата обврзува лесен пристап до документи и записници од седниците, но практиката покажува дека новинарите, за информации што не се објавуваат проактивно, мора да користат законски механизми за пристап до информации од јавен карактер, па дури и тогаш се игнорираат.

Сепак, ситуацијата сега, во споредба со декември 2024 година и јуни 2025 година, кога Порталб.мк ја обработи ова тема, кога недостатокот на записници на албански јазик, но и на македонски јазик, беше очигледен, моментално има благо подобрување. Иако некои записници сè уште недостасуваат, огромното мнозинство се објавени и на албански јазик. Сепак, недостатокот на комплетни преводи и доцнењата во објавувањето на документите продолжуваат да бидат загрижувачки, што укажува дека сè уште има простор за подобрување во однос на транспарентноста и спроведувањето на законот во државните институции.

Извор: Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен