Од 26 септември стапуваат во сила измените во Законот за безбедност во сообраќајот, со кои конечно се санкционираат навиките што со години ја намалуваа безбедноста на улиците.
Пешачењето со телефон во рака или на уво при преминување пешачки премин ќе чини 40 евра, а возење тротинет, мотор или трактор со користење на електронски уред ќе се казнува со 50 евра. Законот јасно налага дека „пешакот е должен да се движи внимателно, без да користи уреди кои го намалуваат вниманието при преминување на коловоз или велосипедска патека“.
Од Нова година, пак, треба да профункционира и системот „Безбеден град (Safe City)“, кој преку камери и видеонадзор ќе открива сообраќајни прекршоци. Дали оваа технологија конечно ќе донесе поголема дисциплина и ќе влијае на бројот на сообраќајни несреќи, останува да се види – особено затоа што законот за прекршоци сè уште не е усвоен во Собранието.
Со новите мерки, властите очекуваат да се зголеми вниманието на пешаците и возачите, а граѓаните да бидат посвесни дека и малото невнимание може да има сериозни последици.