Во МСУ Дигитален самит на Западен Балкан на 1 и 2 октомври

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Македонија до крајот на декември 2025 година ќе ги исполни сите услови за приклучување кон европската иницијатива „роаминг како дома“, со што се отвора можност македонските граѓани наредната година да добијат нула трошоци за користење интернет и повици во ЕУ.

Андоновски потсети дека ЕУ пред еден месец објави патоказ со критериуми што треба да се исполнат, и додаде дека Македонија е меѓу најнапредните земји во регионот во процесот.

„Главниот чекор беше измената на Законот за електронски комуникации, што веќе го завршивме летово. Остануваат уште неколку подзаконски акти кои ќе ги усвоиме до крајот на годинава. Очекувам Македонија да биде првата земја од Западен Балкан што ќе потпише договор за роаминг без дополнителни трошоци“, изјави министерот.

Тој најави дека на претстојниот Дигитален самит на Западен Балкан 2025 (WBDS25), што ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје, земјите од регионот ќе усвојат заедничка изјава со повик до ЕУ да го забрза процесот.

„Овојпат секоја држава ќе одговара за себе. Планот на ЕУ опфаќа сите држави од Западен Балкан, но наша обврска е да бидеме целосно подготвени до јануари“, нагласи Андоновски.

Зачлени се на нашиот е-билтен