Скопскиот аеродром со еден радар: безбедноста не е загрозена, но слетувањата се намалени

Скопскиот аеродром моментално работи само со еден од двата радари на кулата за контрола на летање, откако кај вториот е детектиран технички дефект. Од Македонска навигација (М-НАВ) уверуваат дека безбедноста на патниците и летовите не е доведена во прашање, но распоредот на слетувањата е намален сè додека проблемот не се отстрани.

„Ваквите дефекти се нормални појави во авијацијата и за нив постојат пропишани безбедносни процедури. Тие се применуваат и во моментов и нема никакво влијание врз безбедноста на воздушниот сообраќај. Единствено е воведена регулација на бројот на авиони што можат да се опслужат во еден час“, изјави претседателот на УО на М-НАВ и директор на Секторот за воздухопловна навигација, Владимир Ристески.

Според него, дефектот е настанат во средата на полноќ кон четврток, а со производителот од Италија веќе се работи на негово отстранување. Додека не се заменат изгорените мемориски делови, контролорите ќе мора да ги спуштаат авионите еден по еден.

Радарскиот систем на скопскиот аеродром е поставен во 2000 година и одамна е застарен. Нов систем, вреден 2 милиони евра, е набавен и пристигнат од Италија пред неколку месеци, но сè уште не е инсталиран. Според синдикатите на контролори на летање, ова е само уште еден доказ дека старата опрема веќе ја надминала својата употребливост.

„Сите земји во регионот досега променија по неколку системи, а ние сè уште работиме со истиот од 2000 година. Пари има, но не се инвестира. Ова е само почеток“, предупредува претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски.

Од М-НАВ велат дека договорот со синдикатот за поставување на новиот систем останува на сила и дека тоа ќе се реализира во зимскиот период, кога бројот на летови е значително помал.

И покрај проблемот, Обласната контрола на летање во Скопје, која годишно опслужува околу 150.000 летови, и натаму добива податоци од уште пет радарски станици – од Охрид, Бугарија, Грција и Србија – со што се обезбедува континуитет на прелетите и нормално функционирање на воздушниот сообраќај.

Зачлени се на нашиот е-билтен