Загубена разгледница од 1953 година конечно стигна до својот испраќач по 72 години

Во едно мало место во Илиноис, поштата ова лето добила невообичаен пакет: разгледница пратена од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, датирана на 17 јуни 1953 година, точно во 20 часот. Никој не знаел од каде доаѓа, како стигнала дотаму, или зошто толку долго била изгубена.

Разгледницата била адресирана до „Rev. F.E. Ball и семејството“. Но, по 72 години, тие одамна не живееле на таа адреса. Сепак, управникот на поштата, Марк Томпсон, почувствувал дека ова не е обична разгледница. Решил да ја открие нејзината приказна и да го пронајде оригиналниот испраќач – или барем неговите потомци.

Истражувањето набргу станало локална сензација. Медиумите ја презеле приказната, а љубопитни граѓани и експерти се вклучиле во потрагата. Еден од нив бил Тери Карбон, пензиониран љубител на генеалогија, кој чувствувал дека оваа мистерија е токму за него. Заедно со Генеалошкото здружение на округот ЛаСал, почнале да копаат по архиви и весници од 50-тите години.

Бавно, но сигурно, мистеријата почнала да се расплетува. Името „Алан“ на крајот водело до д-р Алан Бол, 88-годишен пензионер кој денес живее во Сандпоинт, Ајдахо – дури 2.700 километри оддалечен од местото каде што започнала потрагата.

Алан Бол, како тинејџер, во 1953 година тргнал сам од Илиноис кон Њујорк. Целта била да стигне до Порторико, каде што летото требало да го помине кај својата тетка на плантажа со кафе. Немал многу пари, и години наназад работел косејќи трева и чистејќи снег за да заштеди за оваа авантура.

Во Њујорк, пред летот, поминал кратко време во новата зграда на ОН. Купил разгледница со слика од зградата, залепил поштенска марка од два центи и напишал кратко: „Стигнав до Њујорк.“ Ја испратил до своите родители – и таа потоа исчезнала.

Се додека, речиси седум децении подоцна, не се појави повторно.

„Се извинувам за доцнењето…”

Кога новинарот на локален весник го контактирал Алан Бол и му рекол дека е пронајдена разгледницата, тој само се насмеал. „Толку беше неверојатно и апсурдно… мислев дека некој се шегува“, раскажува тој.

Набргу потоа, поштарот во Сандпоинт му ја донел разгледницата лично. Со насмевка рекол: „Извини што доцни.“

Алан ја држел разгледницата напишана од неговата помлада верзија во рака – потсетник на патување што му го променило животот, но и на силата на човечката љубопитност, упорност и добрина.

Разгледницата, конечно, стигнала таму каде што требало – не кај неговите родители, туку назад кај него – затворајќи еден круг стар 72 години.

Зачлени се на нашиот е-билтен