Родителите на жртвите од „Пулс“ реагираа на Пастрмајлијадата во Штип: „За забава има место, за правда нема?“

По масовната посетеност на штипската Пастрмајлијада, родителите на младите кои трагично ги загубија животите во дискотеката „Пулс“ остро реагираа прашувајќи каде е интересот за правда кога станува збор за 62 загубени животи и повеќе од 250 повредени.

„Ако патувавте 30 километри до Штип за забава, зарем 300–400 метри до Паркот на револуцијата во Кочани се премногу? Таму не ве чека концерт, туку споменот на вашите пријатели – 62 ангели,“ порачаа од Здружението „16-ти Март“.

На социјалните мрежи реакциите се поделени: за едни ваквите настани се можност за кратко бегство од суровата реалност, за други – знак за недостиг на солидарност и човечност. „Во Штип, каде исто имаше жртви, се собраа 100.000 луѓе за концерт, а за поддршка – никој. Лицемерие и малодушност,“ стои во една објава.

Други пак сметаат дека народот е уморен од протести и разочаран од политиката, па единствено бара моменти на нормален и достоинствен живот.

Родителите најавуваат нов протестен марш во Кочани оваа сабота, по посетата на Скопје каде уште еднаш побараа одговорност и потсетија дека судската постапка сè уште не е започната, иако поминаа шест месеци од катастрофата.

Зачлени се на нашиот е-билтен