Секогаш можете да се „намачкате“ со цеден лимон

Живееме во огледало на нашето време – време во кое најголемата опасност не е незнаењето само по себе, туку уверувањето на многумина дека токму нивното незнаење е вистина што мора да се слушне.

Миле БОШЊАКОВСКИ

„Медиумите, особено националните телевизии во Македонија, ретко се лизгале во промоција на ликови кои мислат дека знаат сè, ама баш сè! Повремено им давале простор и на „познавачите на состојбите без грам кредибилитет“, но за среќа тоа било исклучок, а не правило. Денес проблемот е далеку поголем – тие самопрогласени „експерти“ имаат свои медиуми, пред сè социјални мрежи, и таму без контрола шират незнаење и ја трујат јавноста. Штетата што ја прават е секогаш на туѓ грб, никогаш нивна. Тие живеат во сопствена илузија, неспособни да ја препознаат сопствената дијагноза, која одамна премина во хронична состојба.“

Имав среќа во животот да среќавам исклучителни луѓе и да не бидам тврдоглав, туку да учам од нив. Некаде во 2011 година во Скопје престојуваше Франсоа Фарах, одговорен за канцеларијата на УНФПА каде што работев таа година. Еден викенд планинаревме од полициската станица долу кај Панорама сè до врвот на Водно и потоа во правец кон Матка. Во тие години бев прилично суетен, како и секој што има искачено повеќе планини низ светот. Така, залетан, во еден момент престанав да ја следам маркацијата на патеката и се движев по слободна проценка. По извесен период Франсоа ме праша:

„Миле, дали сме на вистинската патека?“
Одговорив отсечно и без двоумење, апсолутно „да“.

Франсоа продолжи да зборува и ми ја кажа реченицата која тој ден ме пресече убаво и до ден-денес ја користам речиси во сè што работам:

„Знаеш, Миле – самодовербата е доблест, а преголемата самоувереност е мана – но линијата меѓу двете е многу тенка.“

И, покрај сите проверки, сè уште мислам дека преводот, иако е задоволителен и адекватен, сепак не ја доловува суштината на мислата, така што ќе ја напишам и во оригинал на англиски јазик:

„Self-confidence is a virtue and overconfidence is a flaw – the line in between these two conditions is very thin.“

Мојата самодоверба сепак беше на место – скршнавме некои безначајни два километри од патеката. Но, мислата ми влезе во глава и не излезе. Токму оваа тенка линија е местото каде што често се појавува ефектот Данинг–Кругер.

Кога човек има вистинска самодоверба, таа произлегува од знаење, искуство и способност. Но, кога самодовербата прераснува во преголема самоувереност без реална основа, тогаш станува опасна и за поединецот и за општеството. Тоа е моментот кога луѓе без компетенции зборуваат најгласно, убедени дека токму нивното мислење е непобитна вистина. Ова е многу страшно, бидејќи тие не се ниту свесни за својата некомпетентност.

Тука некаде е добар момент да се спомне и дијагнозата, односно синдромот наречен Данинг–Кругер. Историјата е многу блиска и неверојатна филмска приказна. Имено, извесен лик со име МекАртур Вилер во 1995 година во Питсбург (САД) ограбил две банки во сред бел ден, без маска на лицето. Тој буквално верувал дека доколку на лицето се намачка со сок од цеден лимон ќе биде невидлив за камерите, а појдовна точка му била информацијата дека лимоновиот сок се користи и како таканаречено невидливо мастило, па ако се загрее хартијата – се појавува, и така натаму. Кога го уапсиле, не сакал да прифати дека всушност „не бил невидлив“.

Тргнувајќи од овој пример, Давид Данинг, професор на Универзитетот Корнел, се запрашал: можно ли е еден човек (МекАртур) да е до толку неспособен, што е неспособен и да прифати дека е можно да греши, туку е самоуверен дека секогаш е во право? Со оваа хипотеза, Данинг го повикува тогаш неговиот најдобар студент Џастин Кругер и прават студија која, за жал, ја потврдува нивната хипотеза 100%.

Во студијата тестирале група студенти со прашања поврзани со хумор, граматика и логика. Резултатот бил дека најслабите студенти постојано се преценувале себеси, а студентите со најдобрите резултати постојано се потценувале. И така, во 1999 година е утврден синдромот наречен Данинг–Кругер, според кој луѓето без доволно вештини не само што прават грешки, туку немаат ниту капацитет да ги препознаат или прифатат истите.

Во годините што следат, ефектот или синдромот станува потврден во многу области: од возење велосипед, автомобил, медицина, политика, бизнис, шах, дегустација на вино, новинарство и така натаму. Во различни култури постојат одредени разлики, но принципот е ист – недостаток на самосвест за сопствената некомпетентност.

Има уште една локална легенда од Кавадарци што вреди да се спомне овде, за која морам да признаам дека немам доволно информации дали е вистинска приказна.

Се работи за извесен Радивоје кој заминал во Шведска на печалба и таму добил на подарок плац во урбан дел од градот каде што можел да изгради куќа. Дошле геодети од општината, ставиле граничници, сè тргнало како што треба. Вечерта пред да дојде градежната компанија да ги постави темелите, Радивоје, на негова иницијатива, ги поместил граничниците по 3–4 метри повеќе од местата каде што биле. Утрото, кога работеле градежниците, им дошло чудно и прекинале со работа. Иако Радивоје ги убедувал дека сè е во ред, тие ги повикале од општината геодетите, кои кога дошле се збуниле мислејќи дека направиле грешка, па повторно премериле и ги вратиле на првобитната локација. Радивоје вечерта повторно го направил неговиот марифет. Утредента, кога дошле работниците, сфатиле што се случува и повторно ги повикале луѓето од општината. Овојпат геодетите дошле со полиција и со медицински персонал од психијатриска установа и го одвеле Радивоје на испитување да видат – што е проблемот!

Денеска социјалните мрежи, а за жал и медиумите, го претворија просторот, или синдромот Данинг–Кругер, од психолошка теорија во секојдневие и глобален спектакл. Луѓе со минимални знаења се појавуваат како „експерти“ за медицина, политика, историја или економија. Самодовербата, а не компетентноста, станува валута што носи лајкови, следбеници и влијание. Резултатот е дигитален хаос!

Живееме во огледало на нашето време – време во кое најголемата опасност не е незнаењето само по себе, туку уверувањето на многумина дека токму нивното незнаење е вистина што мора да се слушне.

Сега во октомври многумина ќе се појават со желба да се намачкани со „лимон“, и ќе биде многу добро ако ја препознаат вистинската доблест, која не е само во самодовербата, туку и во мудроста да се препознаат сопствените граници. Бидејќи ова тешко дека ќе се случи да се надеваме барем дека носечките медиуми нема да им отстапуваат туку така простор.

Во спротивно – џабе мачкање со сок од лимон, бидејќи таа тенка линија меѓу доблеста и мана ќе се претвори во бездна.

Зачлени се на нашиот е-билтен