Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, категорично ги демантира тврдењата дека убиената Росица К. пет месеци пред трагичниот настан му испратила СМС-порака во која барала помош.
„Овој трагичен случај не смее да се злоупотребува за дневнополитички цели“, порачуваат од МВР за „Слободен печат“.
Во јавноста и на социјалните мрежи кружи фотографија за која се тврди дека е СМС пораката што Росица наводно ја испратила до Тошковски. Сепак, на сликата недостигаат три цифри од телефонскиот број, нема датум на испраќање, а веродостојноста не може да се потврди.
Во спорната порака, меѓу другото, пишува:
„Човекот кој од декември ме демне, ме тепа, силува и ми ја запали колата, сè уште е на слобода! Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин.“
Министерот тврди дека оваа порака не е автентична.
Инаку, на Инстаграм профилот на Илија Стефановски – осомничениот за убиството на младата Росица – може да се најде фотографија од Берлин објавена на 12 јануари 2025 година, но не постои начин да се утврди кога точно е направена.