Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку статус на својата Фејсбук страница, му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски, реагирајќи на неговите изјави за одговорноста за хаосот со ѓубрето во градот.
„Мицкоски, НЕСРЕЌО, јас завршувам со борбата во која твојот претседател на Советот на Град Скопје и твоите советници четири години го блокираа и урнисаа градот“, напиша Арсовска, додавајќи дека советниците не гласаа за нови автобуси, бесплатен превоз, набавка на механизација за чистење на отпадот и за други мерки во интерес на граѓаните.
Таа истакна дека дури и во случаи како вработување нови пожарникари и набавка на противпожарни возила, советниците не ги поддржале иницијативите поради „суетата“ на Мицкоски. „Ако сакавте да има одговорност, требаше твоите советници да дадат оставка, за да не си директно одговорен за хаосот во Скопје“, посочи Арсовска.
Градоначалничката се извини на граѓаните што на почетокот верувала дека Мицкоски е „чесен, професор и интелектуалец“, потенцирајќи дека во администрацијата таа работела со професионални и посветени луѓе кои го сакаат градот, за разлика од политичарите што ја воделе локалната политика последните 30 години.
Арсовска наведува дека одговорност имаат и за други проблеми во државата, меѓу кои: загуба на над 60 животи во Кочани, пожари поради неадекватна контрола на фотоволтаични и отпадни депонии, зголемен број убиства и несигурни дивоградби во Чаир.
„Отпадот ќе се исчисти за една недела, бидејќи на градот му треба успешен градоначалник, но животите и здравјето на невините за кои си ти одговорен не можат да се исчистат од твојата совест“, заклучува Арсовска во својот Фејсбук статус.