Извинувањето не се прифаќа – и покрај 10 извинувања, Мицкоски не направи ништо за Градот Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека чувствува одговорност за хаосот со ѓубрето во Скопје и дека се извинил повеќе пати поради поддршката на актуелната градоначалничка Данела Арсовска. Меѓутоа, извинувањата не можат да ја заменат конкретната одговорност – Скопје никогаш не било во полоша состојба.

Јавните претпријатија што треба да го обезбедат нормалното функционирање на градот – Јавното сообраќајно претпријатие, „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“ – се запоставени и не функционираат, а отпадот и натаму се трупа по улиците. Цели населби се сведени на хаос, инфраструктурата е деградирана, а урбаното управување е речиси парализирано.

Советот на Град Скопје, под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, како и голем дел од управните одбори, активно блокираа проекти што би го подобриле животот на граѓаните – од набавка на нови автобуси, воведување бесплатен јавен превоз, до обновување на механизацијата за чистење и одржување на градот. Дури и вработувањето нови пожарникари и набавката на противпожарни возила беше запрено поради политички причини.

Ова покажува дека проблемот не е само во еден градоначалник, туку во системска неспособност и недостиг на одговорност од страна на сите политички и административни чинители што ја управуваат градската инфраструктура. За вакво пропаѓање на еден цел град не е доволно извинување – потребна е одговорност, конкретни мерки и план за итно враќање на Скопје на нормално функционирање.

Градот е во криза која се прелива на сите сфери: јавниот превоз е хаотичен, отпадот се натрупува, парковите и зеленилото се запоставени, а јавните услуги тонат во непрофесионализам и блокади. Скопје не заслужува извинување – заслужува менаџмент што работи, а не што се извинува.

Зачлени се на нашиот е-билтен