АВМУ го отвори нацрт-упатството за известување на медиумите за Локалните избори 2025

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска на седница го усвои Нацрт-упатството за радиодифузерите за Локалните избори 2025 и отвори кратка јавна консултација. Сите заинтересирани – радија, телевизии, здруженија, новинарски организации, политички субјекти и граѓани – можат да достават мислења и предлози електронски на contact@avmu.mk најдоцна до утре (четврток, 25 септември 2025) во 16:30 часот. Документот е објавен на веб-страницата на АВМУ (avmu.mk).

Од Агенцијата појаснуваат дека упатството треба да им обезбеди на радиодифузерите јасни правила за изборното информирање: урамнотежено и правично покривање на кампањата, разграничување на уредувачката содржина од платеното политичко рекламирање, почитување на правилата за еднаков пристап и недискриминација, транспарентно објавување на условите за рекламирање, како и почитување на изборниот молк и забраните за говор на омраза и дезинформации. По завршувањето на консултациите, АВМУ ќе ги разгледа пристигнатите забелешки и ќе го усогласи финалниот текст пред официјалното стапување во сила за време на кампањата.

Зачлени се на нашиот е-билтен