Кога премиерот Христијан Мицкоски јавно порача дека „со нетрпение“ ја чека резолуцијата на СДСМ за црвените линии со Бугарија, но дека „бланко“ поддршка нема да има, ја постави сопствената политичка стапица: ако документот е недоволно добар — ќе мора да го подобри; ако е доволно добар — ќе мора да го спроведе. Доколку, пак, го игнорира, ќе мора да ја преземе целосната одговорност за застојот на евроинтеграциите во момент кога јавноста повторно бара јасна траекторија, календар и државничка зрелост. Изјавата дека опозицијата не смее да очекува „априори“ поддршка звучеше комотно додека СДСМ само ја најавуваше резолуцијата; но откако документот беше објавен — со експлицитни државни позиции, механизми за заштита на идентитетските обележја и временска рамка за уставните измени — прашањето повеќе не е кој ќе „дава инпут“, туку кој ќе покаже капацитет да донесе одлуки и да преземе ризик.
Анализира: Леон БАКРАЧЕСКИ
Понудата на СДСМ има два клучни слоја. Првиот е политичко-симболички: повик за единство и конструктивност во Собранието како рамка за државна позиција што ќе важи за сите власти — вчерашни, денешни и утрешни. Со тоа, предизборната математика се заменува со државен континуитет: јазикот и идентитетот не се предмет на преговори; билатералните прашања не смеат да станат клуч за отворање/затворање на кластери; преговорите треба да се водат рамноправно и принципиелно. Овој слој намерно потсетува на претходните собраниски акти — од резолуцијата за „црвените линии“ во 2021 година, предложена од тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ и поддржана од мнозинството, до заклучоците од 2022 за преговарачката рамка — за да се исцрта линија на континуитет, а не на поништување. Тоа е директна понуда до власта да го зацврсти она што и самата партија го барала кога била опозиција.
Вториот слој е оперативно-правен и е уште поважен: резолуцијата воведува часовник. Таа не останува на декларативни постулати, туку предлага временска рамка: од 15 до 25 ноември Владата да се изјасни за текстот на уставните амандмани; до 1 декември да достави финален предлог до Собранието; првото гласање да се реализира најдоцна до 15 декември; финалното усвојување со уставен закон да заврши до 10 февруари 2026 — по што веднаш да се испрати писмо до ЕУ и да се побара меѓувладина конференција за отворање на кластерот „Темелни вредности“. Тоа е целосна архитектура на политички ризик што ја презема оној што управува со Владата, односно премиерот. Од државничка перспектива, ваквата временска матрица е токму „мапата“ што Мицкоски тврдеше дека му недостига: на маса има термини, адресанти и механизми за реакција if/then во случај на нови идентитетски условувања, кажано со математички термин на логичка дедукција, која често му е мила на премиерот да ја користи во јавната комуникација.
Тука се крши главната теза на власта дека „нема што да се поддржи“ додека не се види документот. Сега документот е тука, со наведени правни и политички сидра: неповредливост на македонскиот јазик во преговарачката рамка и како идни службен јазик на ЕУ без фусноти; исклучување на билатерални теми како квалитативни услови за отворање/затворање кластери; преземање на обврски дома — реформска агенда, квартален отчет во парламентот, план за раст — за да нема алиби дека „Европа“ е единствената пречка. Ова, практично, е предлог да се конвертира внатрешната политичка енергија во преговарачка позиција што е препознатлива во Брисел и истовремено читлива за дома.
Каде е тогаш критичната точка? Во одлуката. Премиерот не може да бара „инпут“ и истовремено да одбива да застане зад календар што ја прави цената на не-одлучување видлива. Ако власта верува дека резолуцијата е недовршена или ризична, треба да предложи свои амандмани со јасни подобрувања — не генерализирани алузии за „незрел документ“, туку конкретни формулации што го штитат јазикот и процедурите, но и ја држат отворена вратата кон МК-ЕУ масата.
Ако, пак, власта од политички комодитет ја одолговлекува постапката, тоа веќе не е спор со опозицијата, туку со страната на часовникот — а часовникот работи против државата: Албанија, Црна Гора и Молдавија веќе напредуваат во поглавја и кластери, додека Северна Македонија и натаму ја троши политичката енергија на внатрешни вето-игри и реторичка мобилизација.
Парадоксот би требало да е прилично јасен за секој кој барем маргинално ги следи дневните случувања и притоа со надеж дека не е со меморија на златна рипка: ВМРО-ДПМНЕ во 2021 ја внесе во Собранието идејата за „црвени линии“ и доби широка поддршка. Денес, како владејачка партија, ја има можноста да ја претвори таа матрица во резултат — без да капитулира за идентитетот, но со услов да ги преземе тешките чекори што доаѓаат со владеењето.
Да се остане во удобната улога на коментатор кој „чека“ туѓ документ е политички луксуз што власта не може да си го дозволи. „Бланко“ поддршка навистина не смее да има — треба да има одговорност и потпис. А потписот, во парламентарна демократија, го става оној што управува со Владата.
Практичната политика (Racio politics, што би рекол мојот омилен демагог од редовите на ДПМНЕ Антонио Милошоски) се мери во недели, не во статуси.
Резолуцијата, со својот календар и со своите гаранции околу јазикот и рамката, ви ја фрла картата на маса: или ќе ја прифатите и ќе ја подобрите со амандмани што ќе ја направат уште поиздржана, или ќе ја одбиете и ќе мора да објаснувате зошто следната година повторно ја губиме во место. Време е да се избере.
Премиере, картата ви е фрлена. Вие сте на потег, за доброто на сите.