На изборната конвенција на СДСМ, претседателот Венко Филипче ја обвини актуелната владејачка структура за „апсолутна ароганција“ и „расипничко управување“, оценувајќи дека државата живее под „разуздана власт“. „Кога некој рекол дека апсолутната власт апсолутно корумпира, тоа го рекол врз основа на искуствата,“ изјави Филипче и додаде: „Ова што денес се случува, оваа разуздана власт, е најопасното нешто што може да ѝ се случи на Македонија.“
Тој порача дека по година и пол целосна централна власт и четири години мнозинство на локално ниво „нема резултати, туку продолжение на старите политики на лажен ПР, партизација и нејасна стратегија“. „Македонија и граѓаните за првпат имаат власт која работи исклучиво само за себе, а граѓаните ѝ се на последно место,“ рече Филипче, најавувајќи „обединување против авторитаризмот“ и враќање на фокусот кон работниците, младите и пензионерите. „Нашата амбиција не е да владееме без контрола, туку да ја воспоставиме контролата што им припаѓа на граѓаните,“ нагласи тој.

Филипче апелираше до поддржувачите „да ја разбудат секоја улица и секое маало“ и да ја водат „борбата за победничка држава на граѓаните, а не на партиите“. „Не ветуваме спектакли, не нудиме лаги и шарени програми — нудиме остварливи, реални програми и, пред сè, служба за граѓаните,“ порача тој, додавајќи дека СДСМ „ја научила лекцијата“ од поразите и излегува со „новa енергија и луѓе со интегритет“.