22 милиони долари од Мета, а од Икс 10 милиони долари за Трамп како отштета за блокирање на неговите социјални мрежи

Доналд Трамп ќе инкасира десетици милиони долари поради спогодби со технолошките компании што ги блокираа неговите профили на социјалните мрежи.

Според Волстрит Журнал, YouTube, Мета и Икс (поранешен Твитер) се одлучиле за повеќемилионски надоместоци откако Трамп ги тужеше заради суспензиите во последните денови од неговиот прв мандат.

Од договорената сума, 22 милиони долари ќе бидат наменети за изградба на сала за балови во Белата куќа, иницијатива што ја промовираше самиот Трамп, додека остатокот ќе се подели меѓу ко-тужителите.

Мета во јануари се согласи да плати 25 милиони долари, а Икс во февруари склучи спогодба од околу 10 милиони долари.

YouTube го блокираше профилот на Трамп во јануари 2021 година, по нападот на неговите поддржувачи врз Капитол, со образложение дека постои ризик од натамошно насилство. Слични забрани беа воведени и од другите платформи. Неговите профили останаа суспендирани речиси две години, сè до враќањето во 2022 и 2023 година.

Иако Трамп упорно тврдеше – без докази – дека изборите во 2020 биле украдени, тој во меѓувреме ги амнестираше многумина од учесниците во нападот на Конгресот, вклучувајќи и оние кои извршија напади врз полицијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен