Европа секојдневно губи зелени површини кои некогаш служеле како станишта на диви животни, складишта на јаглерод и извори на храна, со брзина од околу 600 фудбалски терени на ден, покажува новото истражување на „The Guardian“ во соработка со партнери и научници од Норвешкиот институт за природни истражувања (NINA).
Анализата на сателитски снимки од Велика Британија и континентална Европа во период од пет години открива колку брзо природното и обработливото земјиште се претвора во сиво – покриено со асфалт, бетон и цигли – заради луксузни голф терени, станбени комплекси и индустриски проекти.
Проектот „Green to Grey“, прв ваков прекуграничен проект кој ги обединува медиуми од 11 земји, покажува дека Европа годишно губи околу 1.500 км² зелена површина и обработливо земјиште. Од 2018 до 2023 година, вкупно 9.000 км², површина колку цела земја како Кипар, се претворила од зелена во сива. Тоа значи скоро 30 км² неделно или 600 фудбалски терени дневно.
Најголемиот дел од загубата се природни станишта (околу 900 км² годишно), додека обработливото земјиште се губи со брзина од 600 км² годишно, што има сериозни последици за безбедноста на храната и здравјето на населението.
– Земјиштето изгубено поради изградба е еден од главните фактори за намалување на бројот на диви животни и пад на биодиверзитетот. Губиме обработливо земјиште бидејќи градовите се шират на зелени појаси и на земјоделски површини – вели професорот Стив Карвер од Универзитетот во Лидс.
Најчестите видови изградба кои предизвикуваат уништување се станбени објекти и патишта, но природата и земјоделските површини се уништуваат и заради луксуз, туризам и индустрија.
Примери за ова се:
- Во Португалија, околу 300 хектари заштитени песочни дини на плажата Галé кај Мелидес се изгубени поради изградба на голф комплекс CostaTerra Golf and Ocean Club, кој користи околу 800.000 литри вода дневно за одржување на зелените површини.
- Во Турција, мочуриштето Чалтылıдере кај Измир е претворено во бетонска марина за луксузни јахти, што влијае на птиците, рибите и природната заштита од поплави.
- Во Германија, заради изградба на фабриката на „Тесла“ во близина на Берлин се исечени околу половина милион дрвја.
Истражувањето исто така покажува дека изградбата се одвива и на законски заштитени подрачја како Natura 2000, кои се предвидени за зачувување на биодиверзитетот, но често се оправдуваат со економски интерес.
– Ова е проблем кој се акумулира со текот на времето. Додека ЕУ ветуваше лидерство во заштита на климата и природата, сега буквално ја бетонираме нашата иднина – вели Јан-Ерик Петерсен од Европската агенција за животна средина.
Истражувањето опфатило 30 земји, односно 96% од територијата на која ЕЕА има надзор. Петте најпогодени земји според загубата на зелените и обработливите површини се: Турција (над 1.860 км²), Полска (над 1.000 км²), Франција (950 км²), Германија (720 км²) и Велика Британија (604 км²).
– Секоја уништена шума, обработливо поле и биодиверзитет претставуваат краткорочен профит на сметка на иднината. Ако природата продолжи да се третира како потрошна стока, Европа ќе изгуби не само климатски цели, туку и безбедност на храната, здравјето и вредноста на местата каде живееме – додава заменик-застапничката на Зелениот блок во Европскиот парламент, Лена Шилинг.