Атињаните се опседнаа со пчели

Атина станува нова мапа за урбано пчеларство, со кошници поставени на покриви ширум градот и мед што добива препознатлив „тероар“ од локалната флора. Репортажата на „Еuronews“ бележи дека трендот добива забележлив замав, а првичните резултати се мерливи и во килограми и во интерес на граѓаните да се вклучат.

Еден од највпечатливите примери е 37-годишниот Никос Хаџилијас, кој летово се грижел за 30 кошници на седум покриви околу Атина — меѓу нив и објект со поглед кон Партенон. „Го видовме дека функционира одлично за кошниците. За нас, секојдневниот контакт со пчелите ни носеше многу радост, затоа и продолживме,“ вели тој. Само оваа сезона, околу 1,2 милиони пчели во неговите кошници произвеле 500 килограми мед, пакуван и етикетиран по маало според потеклото.

Разликите во вкусот, објаснува Хаџилијас, зависат од застапеноста на еукалиптус, акација и горчлив портокал во одделни делови на градот, а на јужниот брег влијание имаат и боровите — што на медот му дава „шумаст“ белег. Тој прво посетувал курсеви по пчеларство во 2020 година, а потоа преминал и во професионални води, незадоволен од стандардните производи на пазарот.

Во приказната влегуваат и новите хобисти. Аггелина Хаџиставру првпат се вљубила во пчелите како студентка. „Многу ми се допадна идејата да имам своја кошница. Ако секој може да има една во отворен простор дома, верувам дека тоа би ја променило нашата средина на голем начин,“ вели таа, покажувајќи ја својата тераса со поглед кон Акропол.

Иако урбаното пчеларство не е новина во светски рамки ниту во Грција — традиционално семејства носеле кошници од село при преселба во град — денешниот бран има поинаков фокус: свесност за екосистемите и за опрашувањето во градска средина. Но, постојат и практични пречки: приговори од станари во згради, стравови од боцкање и алергии, како и физичкиот напор да се пренесат тешките кошници по скали до покрив напролет и назад пред зимата. „Градските луѓе се одвоени од природата со години, па и нешто природно што се случува… може да предизвика страв,“ сведочи Хаџилијас.

Атина, сепак, е погодна за експериментите што ги менуваат правилата. Поради постојаните циклуси на цветање на опрашувачки растенија низ сезоните, дел од пчеларите првпат тестираат кошниците да останат на покриви преку цела година — наместо да се симнуваат во зимски услови, што би можело дополнително да го стабилизира производството и здравјето на колониите. „И со хаотична урбана средина, природата — или она што од неа останало во градот — сè уште одговара и може да даде живот,“ вели Хаџилијас.

Зачлени се на нашиот е-билтен