На одбележувањето на 35-годишнината од германското обединување во Сарабрикен, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон предупредија дека европските демократији се соочуваат со најсериозни предизвици од Студената војна наваму: пораст на авторитарни влијанија, длабока поларизација и економска стагнација што го храни екстремизмот. Мерц говореше за „темно просветителство“ – нова коалиција на автократии што ја тестира издржливоста на либералниот поредок, додека Макрон повика на интелектуална и културна преродба за „демократија од 21 век“, втемелена на наука, дебата и заемна почит.
Пораката е двојна: внатрешно, да се сопрат илузиите дека проблемите се „само политички“ – тие се и структурни (неконтролирана миграција, дезинформации, пад на довербата во институциите); надворешно, да се зајакне европската кохезија кон автократските режими и нивните сојузи. Во ваков контекст, поддршката за Украина и европската стратешка автономија се претставени како одбрана на сопствената демократска архитектура, не како геополитичка раскош.
Симболиката на датумот – 3 октомври, Денот на германското единство – доби актуелна тежина во сенката на француската владина криза и растот на антисистемските партии ширум ЕУ. И Мерц и Макрон ја врзаа економијата со политиката: без раст, правила и праведност, центарот еродира и им отстапува место на радикалите. Апелот е за европско „созревање“: стабилни буџети, конкурентност, кредибилна безбедност и отпорност на дезинформации – како минимум за да се зачува демосот зад демократијата.