Последниве години често слушаме дека „зимите не се како што беа порано“. Но, според најновите анализи, оваа зима би можела да биде поразлична – и многу постудена. Според метеоролошката платформа Severe Weather Europe, условите укажуваат дека зимата 2025/2026 може да биде „како старите зими“, особено во делови од Европа, САД и Канада.
Причината за тоа, велат експертите, е комбинација на неколку океански и атмосферски фактори кои укажуваат на можно враќање на студениот циклус. Severe Weather направи споредба со неколку години од минатите децении кои имале слични услови и забележал дека тогашните зими биле исклучително студени и со повеќе врнежи од снег.
Еден од главните фактори е појавата на ладната фаза Ла Ниња, која веќе почнува да се развива во тропските региони и се очекува да трае до зимата. Таа може да влијае на глобалните временски обрасци, носејќи пониски температури и нестабилно време.
Според анализата, Ла Ниња често создава висок притисок над северниот Пацифик, а низок притисок над Канада, што го пренасочува поларниот млаз кон северните делови на САД. Тоа доведува до поголем ризик од снежни бури и пообилни врнежи во источна Канада и источните делови на САД.
Друг важен фактор е состојбата во стратосферата, односно феноменот QBO (Квазибиенални осцилации) – природен „атмосферски ритам“ кој се менува на секои 17 месеци, менувајќи го правецот на ветровите високо во тропската стратосфера. Во моментов доминира негативната фаза на QBO, која обично предизвикува ослабен поларен вител – појава што овозможува студениот воздух полесно да се „прелее“ кон умерените региони.
Слабиот поларен вител, велат експертите, често значи нарушена атмосферска циркулација и поголема веројатност за екстремно студени периоди.
Иако комбинацијата на овие фактори укажува на зима која би можела да биде значително постудена, метеоролозите предупредуваат дека и други влијанија можат да ја променат сликата, па останува да се види дали оваа сезона навистина ќе нè потсети на старите снежни зими.