Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лајен, најверојатно ќе ја преживее двојната интерпелација за недоверба што во четврток ќе биде ставена на гласање во Европскиот парламент. Но, исходот може да открие колку длабоко е незадоволството на европратениците од нејзиното раководство.
Двете иницијативи за недоверба – едната поднесена од крајната десница Patriots for Europe (PfE), а другата од левичарската група The Left – имаат мала шанса да успеат. За да се изгласа недоверба, потребно е две третини од гласовите, односно најмалку 360 европратеници да гласаат „за“ – бројка што е невозможна без поддршка од центристичната коалиција составена од Европската народна партија (ЕПП), Социјалистите и демократите (S&D) и либералите од Renew Europe.
Центарот стои зад Фон дер Лајен
ЕПП, партијата на Фон дер Лајен, со 188 пратеници, целосно стои зад Комисијата и ќе гласа против движењата за недоверба. Социјалистите (136) и либералите (75) исто така најавија дека ќе ги одбијат иницијативите, и покрај тензии во коалицијата околу соработката на ЕПП со дел од десницата и регулаторните политики на Комисијата.
„Не можеме да си дозволиме блокирана Европска унија,“ изјави Иратхе Гарсија Перез, претседателката на S&D, нагласувајќи дека социјалистите биле двигатели на санкциите против израелските министри и мерките за домување и климата, но дека левицата одбила дијалог.
Лидерот на Renew Europe, Валери Хајер, пак, беше уште поостра: „Екстремистите и популистите се најлошите непријатели на Европа – инженери на хаос кои сакаат да ја уништат одвнатре.“
Можно тивко незадоволство
Сепак, останува да се види колку пратеници од S&D и Renew ќе одлучат да не присуствуваат на гласањето – начин на кој некои изразуваат незадоволство. На последното гласање во јули, само 98 од 136 социјалисти гласале против интерпелацијата, додека неколку се воздржале или воопшто не гласале.
Клучните групи – Зелените и Конзервативците
Исходот сега најмногу зависи од две политички групи: Зелените/ЕФА и Европските конзервативци и реформисти (ECR).
Во редовите на ECR, румунските и полските пратеници се остри критичари на Фон дер Лајен, додека белгиските и италијанските делегации имаат помек став. „Секоја национална делегација ќе гласа според интересите на својот народ,“ рече ко-претседателот на групата Никола Прокачини, признавајќи дека групата повторно ќе биде поделена.
Кај Зелените ситуацијата е слична: Италијанците и Шпанците се покритични, додека Германците и Нордиските земји повнимателни. На претходното гласање тие одбија да поддржат интерпелација која доаѓаше од крајната десница, а најверојатно така ќе постапат и овојпат – иако во многу нешта се согласуваат со критиките на Левицата, особено за климатските политики и односот кон Газа.
„Во овие клучни моменти, дали навистина сакаме институционална криза? Што точно ќе решиме ако останеме без Комисија?“ запраша копретседателката на Зелените, Тери Рајнтке.
Симболична битка
Иако шансите за рушење на Комисијата се мали, гласањето во четврток ќе биде симболична мерка на доверба во Урсула фон дер Лајен. На последната интерпелација против Комисијата гласаа 360 пратеници – тесно мнозинство во парламентот од 719 членови, што е помалку од 370 колку што ја поддржаа нејзината програма во ноември 2024 и далеку од 401 глас што ги доби кога беше избрана во јули истата година.
Според извори од Брисел, крајната десница би можела да ја поддржи иницијативата на Левицата – чекор што ја прави политичката слика уште посложена. Но, и покрај таа реторичка битка, сценариото за пад на Комисијата останува – чисто теоретско.