По сериозните забелешки на проф. Симон Саздов за учебникот по македонски јазик за 7. одделение, „Рацин“ побара одговори од Министерството за образование и наука (МОН) за целиот процес на избор, рецензија и одобрување на учебниците.
Според Саздов, проблемот не е само кај авторите или издавачите, туку и во самиот процес на избор и одобрување. „Рецензентската комисија дала сериозни забелешки, но известителот ги отфрлил, ја распуштил комисијата – без да има законско право – и довел други рецензенти кои рекле дека е ‘сè во ред’. Тоа е скандалозно. Сите вклучени во процесот треба да се повикаат на одговорност,“ нагласува тој.
Главната причина, според него, е што се брзало по секоја цена учебниците да бидат готови за 1 септември, без да се води сметка за квалитетот.
Јазикот на маргините
„Предметот македонски јазик е сведен на маргините. Не се води сметка за квалитетот. Дури и кога е понуден квалитетен учебник, се наоѓа начин тој да се избегне и да помине слаб учебник кој по ниту еден критериум не смее да изгледа вака,“ вели Саздов.
Тој додава дека доколку овој учебник остане во употреба, последиците ќе бидат катастрофални. „Ќе дојде до ситуација наставниците и учениците да не можат да се разберат меѓусебно. Наставниците нема да знаат како да предаваат неточен материјал. Тоа е пат кон уништување на образованието.“

Рацин: Кој го формира рецензентското тело што ги оценува учебниците по македонски јазик?
МОН: Повикувјќи се на членови од Законот за учебници за основно и средно образование – Националната комисија за учебници „од базата на рецензенти од соодветната научна област формира рецензентски комисии за ракописи на учебници“. Критериумите за избор на рецезенти се дефинирани во истиот закон, каде што е наведено формирањето на Базата на рецезенти како и изборот на членови од базата согласно утврдените критериуми. Базата на рецезенти е постојано отворена согласно Правилникот за начинот на запишување во базата на рецензенти и начинот на работа на рецензентите и е достапна на следниов линк.

Рацин: Кои биле членовите на рецензентската комисија што го оценувала учебникот по македонски јазик за 7. одделение, и кој го донел конечниот извештај за негово одобрување?
МОН: Членовите на Рецензентската комисија за учебникот по наставниот предмет Македонски јазик за 7 одделение се избрани од страна на Националната комисија за учебници и се во состав проф д-р Марија Паунова , проф. Д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова и м-р Татјана Нанкова. Согласно Законот за учебници за основно и средно образование, Националната комисија за учебници доколку оцени дека има суштински пропусти и недоследности во стручното вреднување на ракописите за учебници по соодветните предмети од рецензентските комисии за ракописи на учебници, може истото да не го прифати, да ја распушти рецензентската комисија за ракописи на учебници и да формира стручен тим составен од најмалку три члена од редот на наставници во основно, средно и високо образование, кои се бираат од базата на рецензенти кои вршат повторно стручно вреднување на ракописите за учебници. Во наведениот случај, избраните рецензенти вреднувале и дале мислење за ракопис за учебник за кој Бирото за развој на образование не дало позитивно мислење, по што е постапено согласно Законот за учебници кој вели „Доколку од Бирото, односно Центарот или рецензентската комисија за ракопис на учебник, нема позитивно стручно мислење за одреден ракопис на учебник, постапката за тој ракопис за учебник се прекинува“. Согласно наведеното на предлог на членот известител на Националната комисија за учебници е донесена одлука за распуштање на рецензентската комисија и формирање на стручен тим во состав проф. д-р Марина Спасовска, м-р Татјана Нанкова и Валентина Трајковскa. Врз основа на доставеното конечно мислење од страна на рецензентската комисија како и врз основа на мислењето од Бирото за развој на образование, Националната комисија има донесено конечна одлука за одобрување на учебник по македонски јазик за седмо одделение.
Рацин: Според изјавите на проф. Саздов, првичната рецензентска комисија дала сериозни забелешки, но била распуштена. Кој ја распуштил таа комисија и дали постои законска основа за таква одлука?
МОН: Распуштањето е извршено од страна на Националната комисија за учебници, согласно член 9 став 1 алинеја 6 од Законот за учебници, поради непостапување согласно член 14 став 8 од истиот закон.
Професорот Симон Саздов беше член на Националната комисија за учебници во период кога е распишан Конкурс за ракописи за учебници за повеќе наставни предмети помеѓу кои и ракопис за учебник по предметот Македонски јазик за 7 одделение.
Професорот Саздов на овој одговор од МОН реплицира: Многу е чудно што вам ви доставуваат одговор, затоа што јас кога се жалев, ми одговорија дека не се жали издавачката куќа се жалите вие лично, не сте учесник во целата процедура и затоа ви се одбива жалбата. Апсолутно ништо од ова не држи, тие толку се збунети што ги имаат измешано работите. Јас колку што сфаќам тие одговараат на прашањето зошто сме ние за седмо дискфалификувани, а непостапување немало во никој случај туку напротив, значи известителот вели дека рецензентската комисија укажала на тоа дека има сериозни недостатоци, но еве во прилог на некоја добра волја, даваат можност да се поправи. откако не се поправило, тие тоа го констатирале и сега известителот го нашол тоа како основа да рече е па тие се контрадикторни, парадокасално во едниот случај велат добар е, но тие не велат дека е добар, туку дека е доволно пристоен да го поправат. Не го поправиле и даваат негативна рецензија. Откако ќе дадат негативна рецензија, тоа воопшто законски не смее да дојде до Национална комисија, ама од што многу им се брзало го пратиле таму и не само што го пратиле, буквално се случило ова што се случило со две негативни рецензии да се распушти комисијата, да стават свои луѓе, коишто парадоксално велат дека е добар. Тој не само што не е добар, туку е катастрофален. Срамота е што се обидуваат нешто да затскријат, тие може сега сакаат да претстават дека сум бил претходно член на Национална комисија и дека тука сега има некоја основа
Рацин: Дали Министерството или Бирото има увид во процесот на замена на рецензентски комисии и кој ја носи конечната одлука за прифаќање или одбивање на учебникот?
МОН: Согласно Законот за учебници за основно и средно образование, Националната комисија за учебници донесува одлуки за одобрување и употреба на учебници, во основно, односно средно образование или одлука за невршење избор на ракопис за учебник. Националната комисија согласно Член (7) е тело формирано од Владата на Република Македонија и е составена од 21 член, од кои 14 се универзитетски професори од утврдени области и 7 професори од основно и средно образование. Бирото за развој на образование учествува во процесот преку стручно вреднување на ракописите и досгтавување на мислење, додека пак Педагошка служба ги врши административните работи за потребите на Националната комисија за учебници. Министерството за образование и наука нема влијание во процесот на селекција на учебник од пријавените ракописи, туку тоа го вршат рецензентската комисија и БРО, а конечната одлука ја носи Националната комисија за учебници, постапка уредена во Законот за учебници во основно и средно образование.
Рацин: Кои се филтрите на проверка на точноста на лингвистичките содржини во учебниците, пред нивното одобрување и печатење?
МОН: Ракописот за учебник по добиено позитивно мислење од БРО, преминува кај рецензентската комисија и врз основа на вреднувањата Националната комисија носи одлука.
Рацин: Колкав е надоместокот што се исплаќа за изработка на еден учебник оваа година и кои се условите за аплицирање и избор на автори?
МОН: Надоместокот што се исплаѓа за изработка на еден учебник е утврден со Каталошка вредност која се пресметува по формула утврдена од Владата на Република Македонија достапна на следниот линк. Станува збор за сума која ја добива издавачката куќа за еден учебник по негова дистрибуција до крајниот корисник – училиштата. Во однос на сумата која ја добиваат авторите Министерството за образование и наука нема влијание ниту пак располага со информации со оглед на фактот што станува збор за работа која авторите ја уредуваат по пат на личен договор со издавачките куќи за кои се одлучуваат да работат и да пишуваат ракопис за учебник по даден наставен предмет.
Согласно Законот за учебници за основно и средно образование ( „Службен весник на Република Македонија 3/25 и 74/25) донесен на крајот на минатата година, постапката на изработка на учебници се префрла кај издавачките куќи, а постапката на обезбедување на автори како и склучување на договори со истите е во рамки на приватни договори помеѓу овие две страни, врз што МОН нема надлежност.
Рацин: Дали Министерството располага со механизам за итно повлекување на учебник од употреба во случај кога се утврдат сериозни фактички грешки или неточни лингвистички содржини, како што е случајот со учебникот по македонски јазик за 7. одделение?
МОН: Законот за учебници за основно и средно образование ја дефинира постапката за подготовката, изборот, одобрувањето, издавањето и повлекувањето од употреба на учебниците за основните и средните училишта. Постапката за повлекување на учебник е дефинирана во Член (26) каде стои дека учебник се повлекува од употреба, ако: (1) се донесе нова наставна програма или ако се врши изменување или дополнување на повеќе од 30% на наставната програма, (2) не ги задоволува научно-стручните и методолошките цели, (3) има суштински грешки и пропусти во учебникот или преводот на јазиците на кои се изведува наставата и/или (4) содржи материја со која се навредуваат историјата, културата и другите вредности на граѓаните на Републиката, (5) врз основа на мислењето од Бирото, односно Центарот, (6) поради истек на времетраење на договорот за пренос на материјално авторско право, односно не се склучи нов договор меѓу Министерството и авторот/ите. За повлекување на одобрен учебник од употреба, министерот формира комисија составена од седум члена.
Да се потсетиме на дел од грешките кои ги посочи Саздов во интервјуто за Рацин.мк
Според професорот, учебникот содржи фрапантни пропусти. „Во синтаксичка анализа на реченица, стои дека атрибут е предлошки предмет. Во примерот ‘сладолед од чоколадо’ анализата вели дека е ‘предлошки предмет од ванила’. Тоа е апсурдно,“ објаснува тој.

Друг пример е целата лекција за едначење по звучност, која е неточна. „Авторката ја пренела наставната програма погрешно – наместо отстапки од бележењето на едначење, таа пишува за отстапки од самото едначење, што не постои. Врз таа основа целата лекција е неточна.“

Во учебникот за 7. одделение, додава професорот, може да се најдат и илустрации од типот „една жаба, две жаби“ во категорија „број на именки“ – нешто што го сведува материјалот на примитивно ниво, далеку под потребното за таа возраст.

Рацин: Кој ја сноси одговорноста ако учебник што содржи неточности биде одобрен и ставен во употреба – авторот, рецензентите, Бирото или Министерството?
МОН: Согласно законската регулатива еден ракопис поминува низ повеќе филтри и тоа Биро за развој на образование и рецезентска комисија формирана од База на рецензенти, а одлуката ја носи Националната комисија за учебници која е тело формирано од Владата. Должност на вклучените страни е од пријавените ракописи за учебник го селектираат најдобриот кој ќе се користи како учебник по даден предмет.
Рацин: Дали досега воопшто бил повлечен некој учебник поради стручни или фактички грешки, и ако да – колку случаи има во последните пет години?
МОН: Законот за учебници за основно и средно образование е ново законско решение кое е тотално различно од претходното системско решение со кое најголем издавач во државата беше Министерството за образование и наука. Со оглед на фактот што по ова законско решение беа одобрени до овој момент само учебниците за седмо одделение и прва година гимназиско образование (и одредени учебници од 4 до 6 одделение) нема појава на повлекување од употреба на учебник.
Рацин: Како МОН и БРО ќе осигураат дека идните учебници по македонски јазик ќе бидат изработени со вклученост на релевантни научни институции и без политички или административен притисок за „брзање по рокови“?
МОН: Согласно Законот за учебници за основно и средно образование за учебници, се објавува Конкурс за ракописи со исклучок на учебниците за странски јазик каде се објавува Јавен повик. Законското решение ги утврдува роковите и тоа од два до шест месеци за Конкурс и од 10 дена до 3 месеци за Јавен повик за учебници за странски јазик. Со оглед на фактот што образовниот процес претставува постапка која не може да се одложи, процесот на одобрување на учебници мора да се спроведува во утврдени рокови. Во постапката на одобрување на ракопис за учебник се вклучува Националната комисија за учебници составена од 21 член од кои 14 се универзитетски професори, потоа се врши вреднување од Биро за развој на образование, но и од страна на рецензенти од Базата на рецензенти каде се пријавени до овој момент повеќе од 600 професори. Наведеното е со цел да се избегне можност за политички или било каков притисок, а во најдобар интерес на учениците и на воспитно-образовниот процес.
Дали се планира ревизија на веќе одобрените учебници по македонски јазик во основното образование, со цел утврдување на можни грешки и пропусти?
МОН: Доколку се утврдат наведени елементи утврдени во Законот за учебници за основно и средно образование, Министерството за образование и наука ќе постапи согласно утврдените постапки.