Почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и пратеник, Имаше 67 години.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието. Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, изрази жалење за смртта на Панчо Минов.
„Со тага ја примив веста за смртта на Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци, пратеник и уважен човек. Ќе го паметиме по неговата посветеност и човечност. Сочувство до семејството и сите негови пријатели. Нека Господ му подари вечен мир, а на неговите најблиски утеха и сила“, напиша тој на социјалните мрежи.