Валкани кујни и расипана храна во градинки: Инспектори уништиле десетици килограми небезбедни оброци за деца

Во неколку детски градинки низ земјата инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откриле сериозни пропусти во хигиената и складирањето на храната. Во септември биле уништени 24 килограми небезбедна храна од три градинки, а директорите добиле парични казни.

Во соопштението од АХВ се наведува дека биле спроведени 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта. Издадени се вкупно девет решенија со наредби за отстранување на утврдените неправилности.

„Во две градинки хигиената во кујните не била на задоволително ниво, а во една воопшто не бил извршен задолжителен здравствен преглед на вработените во кујната“, стои во соопштението.

Покрај градинките, инспекторите извршиле и контроли во училишните кујни. Таму биле констатирани незадоволителни услови во едно училиште и отстапки од добрата производствена и хигиенска пракса во две други кујни. Поради погрешно декларирање, биле уништени 59 килограми храна.

АХВ информира дека е изречена една парична казна за училиште, а издадени се пет решенија за отстранување на недостатоците.

Инспекторите најавуваат дека контролите ќе продолжат и во следните месеци, со цел да се обезбеди безбедна и квалитетна храна за најмладите.

Зачлени се на нашиот е-билтен