„На овие избори не се одлучува само кој ќе води општина или совет. На овие избори се одлучува дали ќе продолжи оваа држава на страв, поделби и закани, или ќе почне нова етапа на правда, работа и достоинство“, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче од граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Кавадарци.

Филипче нагласи дека локалните избори се време за будење, мобилизација, обединување и борба за државата.
„СДСМ не ветува чуда. СДСМ ветува чесност, одговорност и вистинска грижа. Ние покажавме дека и во најтешките кризи – здравствена, енергетска, економска – не ја заборавивме државата и граѓаните. Ги зголемивме платите, ги зголемивме пензиите, ја зголемивме социјалната помош, воведовме праведен систем за минимална плата, го воведовме МојДДВ, го стабилизиравме енергетскиот систем. Ние покажавме дека кога е најтешко, може и мора да има држава што се грижи. Тоа е нашата разлика. Ние не го бараме народот само за избори, ние работиме за него секој ден“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека вистински партиотизам не е да се вика „ние сме патриоти“, да се краде државата и да се делат граѓаните.
-Вистинскиот патриотизам е да не ја крадеш државата што велиш дека ја сакаш. Да не ги делиш граѓаните на свои и туѓи. Да не зборуваш за гордост, а да ги понижуваш луѓето со лаги. Патриотизмот не е во зборовите, туку во делата – во тоа колку се грижиш за секој човек, колку почит покажуваш, колку ја сакаш вистината и правдата, рече Филипче, додавајќи СДСМ верува во граѓанска, демократска, европска Македонија, држава во која секој има шанса, каде правдата е за сите, каде младите не заминуваат, а постарите не се срамат од тоа што им го оставаме.
Филипче од Кавадарци упати повик до гласачите на изборите на 19 октовмри да гласаат за бројот 5, за СДСМ и Коалицијата.
Ве повикувам сите – и тие што веруваа, и тие што се разочараа, и тие што се двоумат – да излезете, да се борите, да ја вратите државата во рацете на народот. Да ја вратиме вербата дека Македонија може подобро, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче од Кавадарци.