100 години од раѓањето на легендарниот Микис Теодоракис: кој е човекот што ја претвори Грција во музика

Сто години по неговото раѓање, името на Микис Теодоракис останува синоним за современата грчка култура – композитор кој ја преточи поезијата, политиката и народниот пулс во опус што одекнува од Мексико до Москва, од Атина до Балканот. Грција ја прогласи 2025 за „Година на Микис Теодоракис“, со меѓународни концерти и отворање архиви, а неговата родна куќа во Галакас (Крита) доби статус на споменик со план да се претвори во културен центар. Тоа е официјално признание за автор кој одамна стана повеќе од национална икона. По тој повод грчката изведувачка и уметница Клеоники Демири повторно музицира во Скопје.

„Настапот во Националната опера на Северна Македонија за мене е голема чест и радост. Тоа е можност да ве запознаам како народ, преку музиката,“ изјави Демири во интервју за МИА. Ова ѝ е трет концерт во нашата земја, а најновиот ќе се одржи на 8 октомври.

Кој беше Микис Теодоракис? Во светот е најпознат по филмските партитури – „Зорба Гркот“ (1964) на Михаил Какојанис, „Z“ (1969) на Коста-Гаврас, „State of Siege“ (1972) и „Serpico“ (1973) – но неговото творештво далеку ги надминува кино-сцените: симфонии, ораториуми, балети, опери, над илјада песни. Неговата музика го спои високото со популарното, поезијата на Рицос, Сеферис и Елитис со мелосот на ребетикото, а протестниот крик со лириката на љубовната песна. „Зорбиниот танц“ (сиртаки) остана визуелно-музичка шифра за Грција – момент кога кинематографијата и партитурата создадоа глобален културен знак.

Теодоракис беше – и остана – композитор со јасен став. Како партизан во Втората светска војна, политички затворан во Граѓанската војна, а потоа и прогонуван и интерниран за време на колонаелската хунта (1967–1974), тој ја плати цената на својата јавна позиција. По падот на режимот се врати во институциите како пратеник и јавна личност, но неговата историја секогаш се читаше прво низ нотниот систем: „Аксион Ести“ врз стиховите на Елитис, кантатата „Canto General“ по Неруда, „Маутхаузен“ – можеби најсрдечниот музички меморијал за холокаустот на грчка почва. Затоа и не е случајност што денеска многу концертни трибјут-програми го читаат Теодоракис како „музичка историја на Грција во XX век“.

Важноста за Грција е очигледна: од едната страна стои националниот канон – музика што ја испеа секоја генерација – а од другата, глобалниот јазик на филмот, преку кој „Зорба Гркот“ ја запозна планетата со една народна фигура на радоста и инатот. Симболичниот круг се затвора и на Балканот: вистинскиот човек зад митот, Георгиос (Алексис) Зорбас – инспирација за Кацанцакисовиот роман – ја заврши својата животна приказна во Скопје, каде што почива на градските гробишта во Бутел. Неговиот гроб често го посетуваат грчки културни делегации и љубопитни патници, мост што потсетува колку длабоки и сложени се размените во регионот.

Значењето на Теодоракис за Балканот е повеќеслојно. Прво, тој ја нормализираше идејата дека високата уметност може да дојде од „уличниот“ ритам – што беше близу до балканските традиции на мешање жанрови. Второ, неговата јавна храброст да говори против диктатури и неправди инспирираше автори по целата оска Атина–Скопје–Белград–Софија. Трето, преку филмот неговата музика влезе во популарниот туризмолошки мит на Медитеранот – таверна, танц, море – што за многу балкански држави стана дел од економската и културната самопрезентација. Кога денеска туристи во Охрид, Будва или Кавала заплескаат на првите тактови на сиртаки, тоа не е само „грчко“ искуство, туку регионален заеднички рефлекс.

Во светски размери, Теодоракис е редок пример каде што политичката биографија не ја засени музиката, ниту обратно. Од сцените во Латинска Америка – каде „Canto General“ беше пречекан како свој дом – до Европа, каде што „Z“ и „State of Siege“ го дефинираа звукот на политичкиот трилер, неговата партитура создаваше заедница на слушање меѓу различни публики. Не е чудо што 2025 донесе низ европски и медитерански градови фестивали и чествувања посветени на неговото столетие – од грчките платформи што отвораат архиви до крос-егески концерти на кои грчки и турски музичари пееја заедно.

Столетницата е и повод за подлабоко прашање: што правиме со такво наследство денес? Една можност е институционалното – музеи, дигитални архиви, програми за млади композитори. Но постои и друго читање, особено релевантно за нашата средина: да се врати вниманието на поетите, да се спојат модерните аранжмани со локалните гласови, да се инсистира на јавното – концертот како место на заедништво, а не само на консумација. Теодоракис, на крајот, нè учеше дека музиката е заедничка работа – меѓу оркестарот и плоштадот, меѓу поетот и граѓанинот.

Кога влегуваме во „Годината на Теодоракис“, ова не е само меморија на голем творец. Тоа е покана за регионален разговор за културата што градеше мостови токму тогаш кога политиката ги рушеше. И мала, но важна сцена во тој разговор е и Скопје – градот во кој почива човекот што го инспирираше „Зорба Гркот“, симболот на филмот со чија музика Микис го освои светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен