Излезе нова поетска книга „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова во издание на Или-Или

Излезе новата поетска книга „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова. Напишана во класичен и во слободен стих, поезијата на Пејчинова е посветена на невидливото: на природата и сенките, на патниците и пределите, на миговите и соништата, на молчеливите нешта кои се светилишта на суштина. Во спој на лирика и метафизика, хумор и духовност, љубов и смртност, збирката отвора премин меѓу светови: сонот и јавето, живиот и неживиот свет, митот и современоста, минливоста и вечноста.

Циклусите на пропаст и препород течат низ страниците како плима и осека: „Врз урнатини градиме. Секогаш така.“ Секој пад е и лет, и обратно – дел од истото движење кое го владее светот, под привлечната сила на „двојна тежа“: онаа на Земјата и онаа на убавината и на духот.Телото е и рана и оружје, и архаична сила на плодност, смрт и спознание. Морето и сонот се и место на потекло, и праг на уништување кое води кон препород.

Оваа поезија е и засолниште и манифест на сè што е тивко и суштинско. Ние сме „чувари“, градители, создатели на убавина, но и нас нешто нè чува, гради и преобразува.

Чувари на малите нешта пее со меланхолична, „тврдоглава“ верба. Со едноставен јазик и со нежна метафизичност, стиховите на Пејчинова нè повикуваат да сопреме во овој бучен, забрзан свет, да се завртиме кон невидливото и да го сочуваме, како што тоа, невидливо, нè чува нас.

Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош. Родена е во Скопје, со повеќегодишни студии, работа и патувања во триесетина земји на пет континенти на светот.

Дипломира Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1995), докторира на Катедрата за компаратистика при Карловиот универзитет во Прага (2002), а магистрира политички науки на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (2006).

Има објавено три збирки поезија: Деогае (1995), Ѕверот и проѕирот (1997) и Златните раце на демонот (1999), како и збирка раскази Авгански дневници (2008). Добитник е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија. Нејзини песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и други јазици.

Како книжевен преведувач, има објавено препеви на значајни автори, главно од англиски јазик.

Зачлени се на нашиот е-билтен