Земјата официјално ја надмина својата прва климатска „точка на пресврт“ предизвикана од емисиите на штетни гасови, предупредуваат научниците.
Коралните гребени – дом на четвртина од сите морски видови – се на пат кон долгорочен колапс, што може да ги загрози животите на стотици милиони луѓе, се наведува во нов меѓународен извештај.
Истражувањето, спроведено од тим од 160 научници од 23 земји, финансирано од фондот на Џеф Безос, предупредува дека светот е „на работ“ на уште неколку опасни климатски точки – од уништување на Амазонската прашума и колапс на океанските струи, до губење на ледниците на Антарктикот и Гренланд.
„Првата климатска точка веќе е помината“, изјави проф. Тим Лендон од Универзитетот во Ексетер. „Веќе не можеме да зборуваме за овие точки како за идни ризици – првиот бран на масовно умирање на коралните гребени е започнат.“
Научниците проценуваат дека коралните гребени ја достигнале својата точка на пресврт кога глобалната температура се зголеми меѓу 1 и 1,5 °C во однос на прединдустриското време, со критичен праг од 1,2 °C. Денес, светот веќе е на околу 1,4 °C.
„Ако температурите не се вратат најмалку на 1,2 °C – идеално на 1 °C – коралните гребени повеќе нема да постојат во значителни размери,“ се наведува во извештајот.
Повеќе од 80 проценти од гребените во над 80 земји се веќе погодени од екстремни температури на морето. Особено тешко е погоден Карибскиот регион, каде комбинацијата на топлотни бранови, болести и губење на биолошката разновидност го доведува целиот екосистем во прашање.
Сепак, некои научници не сметаат дека крајот е неизбежен. Професорот Питер Мумбај од Универзитетот во Квинсленд вели дека корaлите имаат извесна способност да се прилагодат и преживеат дури и при глобално затоплување од 2 °C. „Не смееме да создадеме впечаток дека се веќе изгубени – тоа би ја убило волјата за нивно спасување,“ предупредува тој.
Слично мислење има и д-р Мајк Барет од Светскиот фонд за диви животни, кој нагласува дека „зачувувањето на коралните гребени сега е поважно од кога било“. Според него, постојат таканаречени „заштитни зони“ каде последиците од климатските промени сè уште не се толку драстични – и тие области мора итно да се заштитат.
„Мораме да обезбедиме семе за обновата на иднината во која ќе успееме да ја стабилизираме климата,“ додава Барет.
Лентон предупредува дека Антарктикот и Гренланд се „опасно блиску“ до своите точки на пресврт, бидејќи забрзано губат мраз, што директно придонесува за растот на нивото на морето. Според прогнозите, границата од 1,5 °C ќе биде пробиена околу 2030 година – што ќе нè внесе во уште поопасна зона.
Слична ситуација е и во Амазонија, каде што комбинацијата од сеча и климатската криза ја турка најголемата прашума во светот кон колапс.
И покрај мрачната слика, извештајот завршува со трага на оптимизам: се бележат позитивни „точки на пресврт“ во општеството – како забрзаниот премин кон електрични возила и обновливи извори на енергија.
„Трката започна,“ заклучува професорот Лендон. „Мораме да ги забрзаме овие позитивни промени ако сакаме да ги избегнеме катастрофалните последици на следните климатски пресврти.“