Научниците предупредуваат дека огромната „вдлабнатина“ во магнетното поле на Земјата – позната како Јужноатлантска аномалија – продолжува да се зголемува, покажуваат најновите податоци од три сателити кои го следат магнетното поле на планетата.
Според мерењата, оваа аномалија, која се протега меѓу бреговите на Африка и Јужна Америка, се проширила за речиси половина од големината на континентална Европа од 2014 година наваму, додека нејзиниот магнетен интензитет ослабнал.
Земјиното магнетно поле се создава од океанот од стопено железо во надворешното јадро на планетата. Наместо да биде стабилно и рамномерно, тоа е динамично и сложено, менувајќи се во релативно кратки временски интервали. Ова поле има клучна улога – го штити животот на Земјата од космичко зрачење и ја задржува атмосферата.
Јужноатлантската аномалија е позната уште од 1960-тите, но детално почнала да се проучува дури по лансирањето на европската мисија „Swarm“ во 2013 година. Трите сателити на Европската вселенска агенција (ESA) овозможија најдолго и најпрецизно следење на магнетното поле досега.
„Јужноатлантската аномалија не е едноставен блок – таа се менува различно во правец на Африка и кон Јужна Америка. Нешто специфично се случува во овој регион што предизвикува полето таму да слабее побрзо“, изјави геофизичарот Крис Финлеј од Техничкиот универзитет во Данска.
Според истражувањето, магнетното поле под овој дел на планетата се однесува необично – делови од магнетниот флукс се свртени во спротивна насока, односно линиите на магнетното поле наместо да излегуваат од јадрото, се враќаат назад во него. Ова може да биде поврзано со огромна маса на врело материјално под Африка, позната како Африканска област со мала брзина на сечење (LLSVP).
Научниците нагласуваат дека овие промени не претставуваат директна опасност за животот на Земјата, но имаат значителни последици за технологијата – особено за сателитите и навигациските системи кои зависат од стабилноста на магнетното поле.
Мисијата „Swarm“ досега регистрирала и други промени – слабење на магнетното поле над Канада и мало зајакнување над Сибир – што укажува на глобални преструктурирања во внатрешноста на планетата.
„Благодарение на континуираното следење со ‘Swarm’, денес можеме да го видиме големиот динамичен портрет на нашата планета“, изјави Анја Стрьоме, менаџерка на мисијата во ESA, додавајќи дека сателитите се во одлична состојба и ќе продолжат да даваат нови податоци најмалку до 2030 година.
Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание Physics of the Earth and Planetary Interiors.