Министерството за култура и туризам соопшти дека е завршена постапката за избор на изведувач за проектот за реконструкција на Универзална сала во Скопје. Одлуката за избор на најповолен понудувач е донесена по јавната набавка за „Изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи и ентериер – по принцип на изградба Клуч на рака“.
Овој принцип значи дека, во предвидениот рок, објектот ќе биде целосно реконструиран, уреден и подготвен за користење, односно за концерти, настани и други културни активности.
По завршување на законските рокови за доделување на договорот, ќе биде потпишан договорот за изведба, а по обезбедување на сите предуслови ќе започнат и градежните активности. Рокот за реализација е предвиден до декември 2027 година.
Министерството за култура и туризам, по преземањето на објектот од Градот Скопје и по пожарот што ја зафати салата, спроведе целосна ревизија и дополнување на проектната документација, обезбедувајќи нов основен проект за реконструкција.
Проектот ја зачувува историската вредност и споменот на Универзална сала, но ѝ дава и модерен, повеќенаменски карактер, кој ќе овозможи салата да стане повторно еден од најпосетуваните културни објекти во Скопје.
Во рамки на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, обновената Универзална сала ќе биде дел од културните настани и манифестации, повторно отворајќи ги вратите за граѓаните и културната сцена на градот.