Мора да се почитува принципот на територијалниот интегритет на Украина, бидејќи ако земјата направи територијални отстапки кон Русија со тоа ќе се испрати порака дека агресијата се исплати и дека едноставно секој можете да употреби сила против своите соседи и да го добие она што го сака, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во однос на можноста Киев да биде изложен на притисок да се откаже од делови на Донбас во замена за мир.
„Не смееме да заборавиме дека тука Русија е агресор, а Украина е жртва. Оттаму вршењето притисок врз Украина не е правилен пристап, не само за Украина, туку и за европската и глобалната безбедност“, рече Калас на прес-конференцијата по денешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Калас додаде и дека досега неколку пати во историјата имаме видено дека ако на агресорот му се даде она што го сака, тој ќе бара уште.
„Суштината не е променета. Украина е подготвена за безусловно примирје уште од февруари, но Русија не е вистински заинтересирана за мир“, изјави Калас, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе седне сериозно да преговара само ако мисли дека губи.
Таа нагласи дека ЕУ ги поддржуваа напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната во Русија и во тој аспект е подготвена да го засили притисокот врз Русија да се согласи на мир.
„Оваа недела имаме за цел да усвоиме нов голем пакет санкции кон Русија. Секое евро што ќе и го ускратиме на Русија, е евро што не ќе може да го користи за војување. Министрите денеска беа јасни дека по 19-от пакет треба да работиме на следен. Тој нема да биде последен“, истакна Калас.
Високата претставничка додаде дека на Украина и е потребна поголема воена, но и финансиска поддршка, па затоа на состанокот се разговарало и за предлогот на Европската комисија за користење на замрзнати руски средства за итни одбранбени потреби на Украина, за што била изразена „широка поддршка“ од министрите.
Според Калас, во услови на засилени руски напади врз украинската енергетската мрежа, министрите ја повикале Еврокомисијата да предложи дополнителни мерки за поддршка на енергетската безбедност на Украина и апелирале до трети земји да ги зголемат испораките на гас за државата.
„Исто така, назначив специјален пратеник-координатор за прибирање на најдобрите практики од различни земји членки на Унијата за да дејствуваме брзо за понатамошно намалување на руските приходи за финансирање на војната“, соопшти Калас, најавувајќи дека се разговарало за преземање построги мерки против т.н. руска „флота во сенка“.
Калас информира и дека 25 земји членки на ЕУ се согласиле да бидат дел од Специјалниот трибунал за злосторства сторени при руската агресија, за чие формирање Унијата веќе најави 10 милиони евра.
„Режимот на Путин ја започна оваа војна и мора да се соочи и со последиците“, додаде Калас.
На состанокот станало збор и за состојбата на Блискиот Исток, каде, како што рече Калас, планот за прекин на огнот во Газа штотуку се соочува со својот прв „голем стрес-тест“ со нападите на Хамас врз палестинските цивили и одбивањето на движењето да се разоружи.
„Министрите дискутираа како Европската Унија може да го поддржи Мировниот план, вклучително и преку обезбедување дополнителна поддршка за воспоставување управа и обнова на Газа“, истакна Калас
На средбата се говорело и за предлог казнените мерки на Европската комисија кон Израел, при што било оценето дека контекстот во кој тие беа предложени сега е променет со Мировниот план и договорот за примирје.
„Но, ако не видиме реални и одржливи промени на терен, вклучително и дистрибуција на поголема хуманитарна помош во Газа, заканата од санкции останува на маса“, додаде Калас.
На состанок се говорело и за соработката со земјите партнери од Индо-пацифичкиот регион, како и за состојбата со човековите права и поткопувањето на владеењето на правото во Грузија и искуствата од изборите во Молдавија. Во тој контекст е започната иницијатива за понатамошна модернизација на методите за мониторинг на изборите, пред се поврзано со влијанието на интернетот и социјалните медиуми врз транспарентноста и инклузивноста на изборните процеси.