Француското правосудство изрече казна што речиси никогаш не се изговара гласно: доживотен затвор без право на условно ослободување. Со таа најстрога санкција беше осудена 27-годишната Алжирка Дахбија Бенкиред поради силување, тортура и убиство на дванаесетгодишната Лола Давије, злосторство извршено во Париз во 2022 година. Ова е првпат една жена во Франција да ја добие таканаречената „реална доживотна казна“, што значи дека осудената формално нема излез од затвор. Според француското право, оваа казна – позната како „perpétuité réelle“ или „irreducible life sentence“ – се изрекува само во исклучителни случаи на исклучително сурово, мачителско убиство врз малолетна жртва. До сега, ваква казна им е изречена само на четворица мажи, но никогаш на жена.
Парискиот суд ја прогласи Бенкиред за виновна за киднапирање на девојчето, сексуална злоупотреба и убиство со „екстремна суровост“, како што стои во образложението на пресудата. Телото на Лола било најдено свиткано во пластичен куфер кај зградата во која живеела, со траги на насилство и задушување со самолеплива лента. Судот оцени дека станува збор за измачување и вистинска тортура, а обвинителството инсистираше дека осудената претставува трајна опасност по општеството и дека рехабилитацијата е практично невозможна. Жирито решавало само неколку часа пред да го соопшти вердиктот и да ја изрече максималната казна дозволена со закон.
Судницата немаше воздух кога пресудата беше прочитана. Мајката на Лола, Делфин Давије, и братот на девојчето се прегрнаа и заплакаа. Тие со месеци јавно зборуваа за девојчето не како за „жртва“, туку како за тивка, кротка дванаесетгодишна девојка која само се враќала дома од училиште во моментот кога исчезнала. Нивната семејна трагедија не заврши со убиството: таткото на Лола, Жоан, почина во 2024 година, а семејството во судот објасни дека неговиот живот се распаднал поради шокот и болката. За обвинителството, ова е дополнителен доказ за „недопростливата и непоправлива штета“ нанесена врз семејството.
Одбраната на Бенкиред се обиде да наративизира состојба на психолошки распад и траума. Во текот на истрагата таа даваше противречни изјави, понекогаш тврдејќи дека дејствувала од одмазда, понекогаш дека не памети, понекогаш дека станува збор за „сон“, а понекогаш обвинувајќи непостоечки напаѓач. Психијатриското вештачење, сепак, ја прогласи за урамнотежена, свесна и одговорна за своите постапки. Судот не прифати верзија за некаква состојба што би ја исклучила нејзината вина или кривична одговорност.
Случајот излезе надвор од судницата и стана политичко оружје. Крајната десница во Франција веднаш го претвори убиството на Лола во аргумент против имиграциската политика, затоа што Бенкиред е Алжирка која во моментот на злосторството живеела во земјата со истечен престој и под налг за депортација. Во јавниот простор повторно се слушнаа барања за построги контроли на нелегалниот престој, побрзо протерување и подлабока проверка на странски државјани кои веќе добиле решение за напуштање на територијата. Некои гласови отидоа дотаму да повикаат и на враќање на смртната казна, иако Франција ја укина уште во 1981 година. Од другата страна, правниците и дел од медиумите предупредуваат дека трагедијата на Лола се претвора во реторика, наместо државата да се фокусира на системското прашање: како девојче може да исчезне и да биде измачувано и убиено во влез на станбена зграда во срцето на престолнината, а никој да не забележи на време.


