ВОЈО МАНЕВСКИ
Состојбите можат да се опишат со зборови, некогаш поверодостојно а некогаш не доволно, како да недостасува некое делче од сликата за да стане јасна. Така и мене неделава ми се врти еден израз кој не само што ми ја отсликува состојбата туку и ми го исполнува просторот со страв и неизвесност. На прв поглед две појави, кои ги ставив под исто име, изгледаат без поголема врска меѓу себе но сѐ во постојниот свет е поврзано и во меѓусебен однос. Сте се огледале ли во скршено огледало? Во скршеното огледало може да го видите својот одраз во целост но искршен, ама ако некои од делчињата малку се накриво, секое од нив одразува посебна слика. Ова јас го видов во скршеното огледало.
Првата асоцијација на скршено огледало ми се наметна со веста која проструи низ мојот Штип. Повеќе од осумдесет деца не го продолжиле второто полугодие и се отпишале од училиштата и од својот досегашен начин на живот – „поради промена на местото на живеење“. Mоже човек да одмавне со рака кога слушне некое партиско соопштение ама кога слушнете ваква вест за неколку стотина ваши сограѓани кои се отселиле се чувствувате како пред огледало кое пред ваши очи се распукнува и почнува да ја фрагментира сликата што очекувате да ја видите.
Во Давос се разгледувале новите правци на развојот на економиите и државите. Секогаш било така во човечката историја. Оние што ја имаат моќта се состануваат да најдат решение, како да ја задржат својата положба или да ја зголемат својата моќ. Ништо тоа не ѐ надвор од природата на човечкото битие кое во секој следен момент од своето постоење се оддалечува од својот прототип. Човекот е точка во која се собираат надежите за развој и опстанок на целиот жив свет на планетата, точка која истовремено е и болест и лек. Замислена е таа точка како регулатор од каде се воспоставува рамнотежата на постоењето на живите суштества на планетата ама се повеќе ја покажува неприродна суштина.
Кој е авторот на прототипот е дилема која им ја оставам на разните толкувачи на појавата и опстанокот на створението кое ја има таа моќ – сѐ да промени, да подигне и сѐ да уништи а при тоа да не може да се утврди причината за таквата активност бидејќи е составен дел на неговата природа.
И ете што тие репрезентативни егземплари на човештвото заклучиле како резултат на процесите што самите ги поттикнале. Министерот за економија на РСМ Фатмир Бесими во една своја колумна исклучително инспиративно ја опиша состојбата и очекуваните процеси.
Глобализацијата како израз на либералистичката филозофија во економијата, завршува. Конципирањето на економиите на секоја од посебните држави како тесно специјализиран дел од процесот на производство и е вклучен во меѓународниот синџир, наидува на слабости кои веќе донесуваат застои во функционирањето. Тесната специјализација на производството а со тоа и на знаењата и вештините на работната сила, како дел од глобалниот синџир на продукција, навистина донесе развој во последните половина век но тоа сега стана сопирачка во рамнотежата на пазарот. Прекинатите синџири бараат нова концепција на заокружување на процесот на производство но и пласман на производите.
Социолозите заклучуваат дека зголемената продукција и негувањето на потрошувачкото општество како крајна алка на синџирот израсна во монструм кој се заканува да ја проголта и човечката цивилизација и планетата како посебно небеско тело. Нема таков процес кој секоја година бара раст за да опстане. Секој раст мора еднаш да дојде до стагнација а потоа пад кон пониски стапки. Последните потреси како што беше пандемијата на Ковид-19 и отворениот воен конфликт во Украина ја истакна слабоста на системот и леснотијата на кинењето на синџирите на снабдување и продукција. Последиците се инфлација и економска криза која може во иднина да се претвори и во финансиска криза со несогледливи последици.
Македонската економија е само многу мал дел од целиот процес за да се зборува за некаква отпорност на влијанијата. Посебно ако се погледнат советите и научните трудови на истакнатите економисти во државава. Секој од нив е одраз на разбирањата на целиот процес на светската економија со силни либералистички вредности кои бледнеат пред индипендистичките модели. Нашето искуство е дека моделите за отворена економија и вмрежување во регионални и светски рамки, доведе до нерамноправна положба на домашните капацитети како кога професионален боксер го ставиш во ринг со боксер аматер од перолесна категорија.
Нашите економски капацитети не беа заштитени од државните институции и оставени на алчноста на корупцијата, доведоа до пропаст и армија на невработени наши сограѓани. Пропаднаа фабрики од различен калибар и тоа е за осуда, ама пропаста на земјоделските комбинати како заокружени системи за производство на храна кои се правени според совети од германските компании е злосторство за кое не е доволна казната според кривичниот закон туку е потребна божја клетва за сторителите кои тоа го направија, најчесто од алчност, неукост или комплекси од своето „аристократско“ селско потекло. Се друго е општествена и човечка трагедија именувана како процес на транзиција.
Министерот Бесими сега анализира дека во наредниот период не очекува застој или прекин во глобализацијата но и потесно регионално поврзување на економиите. Значи министре, да се спремиме повторно за планирање на национална економија во која нужните делови ќе бидат самоодржливи. Како во прирачниците на Смит за организацијата и водењето на националните економии. Еден дел мора да биде основа за задоволување на внатрешните потреби и не смее да е под преголемо влијание на стихиските пазарни законитости. Во случај на турбуленции на светските берзи и синџири неговата продукција е клучна за опстанокот на државата. Вишокот се става на регионалните пазари и правилото за продукција на квалитетен и поефтин производ е слика за технолошкото и организациското ниво на државата, со еден збор се потврдува конкурентноста на економијата.
Целиот овој процес на повторно структурирање на економијата на Македонија треба да го водат стручни и одговорни личности а не партиски апаратчици со фрагментарно познавање на проблематиката. Пример за државен интервенционизам имавме токму од УСА кога автомобилската индустрија како своја витална гранка обилно финансиски ја помогнаа за време на финансиската криза во 2008 и 2009 година.
Во тоа скршено огледало на глобализацијата мора да го пронајдеме своето парче. Македонија има десетина котлини кои се посебни климатски а некаде и еко-системски целини. Во Струмица се одгледуваат кикиритки кои бараат топлина а во Берово компир што бара надморска висина и чист воздух а се одделени околу 70 км. Ова само како илустрација од регионот кој го познавам. Храната во иднина ќе биде конкурентен производ и една од основите за водење на колку-толку самостојна политика. Производството на енергија мора да биде прв приоритет па дури и да биде десетина проценти од буџетот наменет за капитални инвестиции. При тоа да се изгради јасна стратегија која нема да биде длабокоумен документ на академски стерилни интелектуалци туку систем на мерки и постапки врзани со рокови каде ќе се евалуира нашето и светското искуство.
Најголемиот дел од капацитетите за производство на енергија мора да се во државна сопственост па дури и да признаеме дека токму таму се појавуваат најголемите корупциски постапки ако ги имаме ќе се бориме со корупцијата во тој сектор ама ако ги немаме ќе бидеме оставени и на корупција на увозното лоби и на милоста на други држави што преку овој сектор креираат свои интересни зони и политики. Сушните години можеме да ги превенираме само ако направиме доволно акумулации, регионални откупни центри, ладилници и пред сѐ предвидлива ценовна политика како услов за планирање на производството на храна. Никаква интелектуална акробација не ѐ тоа, туку искуство од милениумскиот опстанок на човештвото: во библијата имате приказна за Јосиф и седумте дебели и седумте слаби крави.
Проблемот за ревитализација на земјоделското производство ќе бара и ментална револуција кај нашето население кое веќе скоро еден век се воспитува на приказната за навредливоста на статусот – селанец што доби и разни пежоративни форми. Ако добро се размисли, ревитализацијата на земјоделието па и заживувањето на селата можеби е последната шанса за опстанок на овој народ како посебен ентитет. Погубноста на потрошувачкото општество секој може сам да си ја оцени. Не сакам да бидам пренесувач на популарната тематика за светски заговори но некои истражувања за положбата и законитостите на развојот на мултинационалните компании го наметнуваат заклучокот дека има предвидливост на процесите. Резултат на глобализацијата е неконкурентност на малите економии. При тоа под завесата на демократски и безбедносни процеси се спроведува најординарна кражба на ресурсите на државите кои се глобализираат. Прво се купуваат за мали пари виталните или профитабилните делови од економијата, Телеком, електро дистрибуција , нафтените капацитети како и некои специфични индустрии кои тешко се организираат во системите на Европа – цементарници, рудници и сл. Банките се купуваат или се ставаат во системот на банки со седиште надвор од државата и постепено стануваат финансиери на државниот апарат преку обврзници, што им дава огромна моќ врз владата и министерствата.
Тој процес доведува до зголемување на невработеноста и евтина работна сила ги зголемува профитите на разните мешетари и шпекуланти со своите ниски плати. Бидејќи таквиот процес е временски ограничен поради стареењето на популацијата која не го зголемува наталитетот поради сиромаштијата и бесперспективноста, се преоѓа на реформи во образованието. Се одржуваат разни работилници и семинари со воведување на образование за потпросечни и мрзливи студенти кои доаѓаат до дипломи иако имаат мали знаења. Но тие не се ни предвидени за експерти туку како основ за зголемување на фрустрираноста на населението а подоцна за евтина работна рака пренесена во домицилните економии. Паралелно се води кампања низ социјалните (всушност оттуѓувачките) мрежи за потполно губење на довербата во институциите и политичките партии кои се екипираат со кадри произлезени од девастираното високо образование а сето придружувано со брзиот пад на општествениот морал. Бесперспективноста доведува до брза ерозија на моралот а последица е распаѓањето на основната социјална клетка –семејството како и постепено релативизирање на големите религиски системи.
Дехристијанизацијата на старите европски држави е релевантен податок на статистичките операции што се правеа оваа и минатата пролет. Тоа кај нив е резултат кој и нас нѐ очекува како законитост на целиот процес .
Прво срамежливо па потоа забрзано, највиталниот дел од населението на таргетираните држави се сели во западно европските а и во американските простори. Нивните знаења иако под бараниот стандард се добредојдени за нивната економија, гладна за работна рака која поради автоматизацијата прави лесна преквалификација на разни профили работници. Истото потрошувачко општество и последиците од него врз растот на населението во старите европски држави ја зголемува потребата од се поголем број на увозни работници. Големите системи како што е здравството и комуналните услуги се полни со работници и посебно помошни експерти кои се школувале во домицилните држави и за кој западно европските заедници не вложиле ниту евро.
Парадоксално е што оние што имаат помалку средства и на кои им се руши образовниот систем ги даваат своите кадри за услуги на оние што се креатори на тој процес. Тоа е така зошто нивните услуги се за средните и пониските слоеви, затоа што богатите и моќните се лечат во посебни институции и ги образуваат децата во специјални високообразовни институции, а живеат во квартови кои немаат големи комунални недостатоци. Врти-сучи, богатството на богатите е причина за сиромаштијата на сиромашните.
И како ние да се справиме со секојдневието кога процесите ги водат оние на кои треба да им се забрани достапност на која било државна или локална власт? Како да признаеме дека таа состојба е резултат на нашата инертност или препуштање на процесите кои доведоа до вакви резултати?
Како во Буњуеловите филмови, знаеме дека „нашите“ деца не се за општествена работа и одговорност, зошто од квалитет ја имаат само таа квалификација „наши деца“, ама себичноста и непризнавањето дека сме погрешиле некаде е непреодна брана. Се луламе сите во сопствената заблуда дека некој лидер ќе дојде и ќе не поведе кон светлата иднина а при тоа се вклопуваме во целите на монструозниот план за одржување на благосостојбата на светската елита на поседувачи на капитал и моќ. Полека се иселуваат младите а овде ќе замира животот зошто ќе нема кој да го одржува. Ќе се намали економската активност што ќе го засили иселувањето а армијата административци ќе го забави целиот систем, незадоволна од платите за кои нема да има средства од БДП а кредитите ќе станат и ретки и скапи. Квалитетот на животот ќе се намалува и илјадниците ново изградени станови ќе стојат само како сведоци на погрешната економска политика и владеењето на разни интересни групации. Не е најцрно сценариото во кое постепено се населуваат нови жители од многу населените азиски држави со различни културни навики и друга културолошка матрица. Најлошото сценарио е ова да биде за подолго транзитен простор што ќе остане полупразен и место за разни војнички обуки или за геронтолошки центри за остарената популација на Европа каде за нас нема да има место ни за негувателки.
Огледалото кога е скршено ја расцепкува целата слика и потоа секоја слика е посебно огледало ама кога ќе се скрши на малечки делчиња веќе не е огледало туку куп на стакленки во кои ништо не може да се огледа или одрази. Како ретко кога во историјата имаме шанса самите ние да ја избираме иднината. Мојот придонес е отсликувањето во скршеното огледало и дилемите кои ми се наметнуваат.