Северна Европа ѝ постави црвена линија на Брисел. Премиерите и лидерите од нордиските земји јасно порачаа дека не прифаќаат ново заедничко задолжување на Европската унија за да се финансира т.н. „репарациски заем“ за Украина од околу 140 милијарди евра. Наместо тоа, нивниот став е дека парите мора да дојдат од руските замрзнати средства, а не од нов долг што на крај ќе го плаќаат граѓаните на Данска, Шведска, Финска, Норвешка или Исланд.
Оваа позиција не е само техничка. Таа кажува како Северот ја чита војната. За нордиските влади, Русија не е само агресор врз Украина туку директна безбедносна закана за Балтикот и Арктикот. Тие веќе живеат со руско воено присуство во близина, со прекршување на воздушниот простор, со кибернапади и дезинформациски операции. Тоа значи дека помошта за Украина не е далечна солидарност, туку самоодбрана. Но исто така значи и дека таа помош треба да ја плати Москва, не европскиот даночен обврзник. „Нека плати агресорот“ е сега отворено артикулирана политика на Северот.
Спорната идеја што кружи низ Брисел последниве недели звучи амбициозно: ЕУ да издаде нов заеднички долг – заедничка европска обврзница – и со тие пари да ѝ одобри на Украина огромен заем, кој Украина би го враќала тогаш кога (и ако) добие репарации од Русија.
Тоа е политички привлечен наратив („Русија ќе плати за штетата“), но финансиски, барем на старт, товарот не паѓа врз Русија. Паѓа врз земјите членки на ЕУ – значи врз нивните буџети, нивните камати и нивните генерации што ќе го сервисираат долгот ако Москва никогаш не плати. Тука нордиските премиери влечат рачна кочница.
Данската премиерка Мете Фредериксен веќе предупреди дека Европа „нема луксуз на време“ и дека одлуката за долгорочна финансиска поддршка за Украина мора да се донесе до Божиќ. Но таа паралелно испраќа друга многу остра порака: не заработувај политички поени во Брисел со туѓи пари дома. Според Копенхаген, ако Украина треба длабока финансиска линија за опстанок, таа може и мора да се изгради врз руските замрзнати средства – а не врз нови обврзници кои ќе ги враќаат данските и финските семејства уште во 2030-тите.
Во исто време Европската унија се мачи со правната рамка. По руската инвазија во 2022 година, Западот замрзна околу 300 милијарди долари во руски државни средства. Најголемиот дел од тие пари седи во европски клириншки системи, пред сè во Белгија – во институцијата „Еуроклир“ во Брисел. Белгија е нервозна да ги стави тие средства како залог за огромниот заем за Украина без железно покритие дека тоа не ги руши европските правни стандарди и не го загрозува европскиот финансиски систем.
Белгискиот премиер Барт де Вевер отворено бара гаранции дека Белгија нема да остане единствената што го носи ризикот ако Русија одговори со економски одмазднички мерки.
