Ќе создаде ли вештачката интелигенција родов јаз за жените на работното место или ќе го израмни теренот?

Работните места со најголема изложеност на вештачка интелигенција најверојатно ќе бидат најпогодени – но сè уште не е јасно во која насока ќе се движи тој ефект.

Општата вештачка интелигенција (GenAI) ветува дека ќе ги ослободи луѓето од повторливи задачи, што теоретски носи многу предности за пазарот на трудот. Но, истовремено постојат и стравувања за тоа како технологијата ќе влијае врз работните места.

Креаторите на политики и експертите внимателно анализираат како вештачката интелигенција ќе влијае на родовата динамика во вработувањето. Родовата разлика и понатаму е присутна во повеќе клучни показатели. Според Евростат, во 2024 година стапката на вработеност во ЕУ изнесувала 80,8 проценти кај мажите и 70,8 проценти кај жените. Стапката на невработеност била 6,1 проценти кај жените и 5,7 проценти кај мажите, а во 2023 година жените заработувале во просек околу 12 проценти помалку од мажите.

Главното прашање е: како ќе влијае вештачката интелигенција врз жените на работа? Ќе ги зајакне ли нивните можности или ќе ги остави зад себе?

„Нашите истражувања покажуваат дека речиси секое работно место ќе биде засегнато од вештачката интелигенција во одреден момент, но позитивно е тоа што потребата од човечка интелигенција ќе остане клучна,“ изјави Павел Адрјан, директор за економски истражувања во глобалната платформа за вработување Indeed.

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската централна банка (ЕЦБ) анализираат како вештачката интелигенција може да влијае на жените во работната средина. Прашањето е комплексно и нема едноставен одговор.

Многу земји-членки на ОЕЦД постигнаа напредок во намалување на родовите разлики во последните децении.

„Со оглед на тој напредок, разбирливо е зошто некој би се запрашал дали искуствата на мажите и жените со АИ ќе се разликуваат,“ вели Маргерита Лејн, економист за пазар на труд при ОЕЦД.

Работните места со најголема изложеност на вештачка интелигенција најмногу ќе бидат погодени и можат да претрпат најголеми промени. Според трудот на ОЕЦД „Кои работници најмногу ќе бидат засегнати од АИ?“, жените и мажите генерално се соочуваат со слично ниво на изложеност на АИ.

Сепак, жените се помалку застапени во професиите со највисока изложеност на АИ – како што се науката, инженерството и извршното раководство.

На пример, 82 проценти од чистачите и помошниците се жени – а оваа професија има најниско ниво на изложеност на АИ (0,25 на скала од 1). Од друга страна, само 19 проценти од ИТ професионалците се жени, а оваа професија има највисоко ниво на изложеност (0,88).

Индикаторот за изложеност на АИ ја мери веројатноста технологијата да преземе одредени задачи во рамки на некое работно место. Но, автоматизацијата не значи нужно исчезнување на работните позиции или намалување на платите.

Извештајот на ОЕЦД потенцира дека не постои елемент во конструкцијата на овие показатели што овозможува предвидување дали професија со висока изложеност ќе биде позитивно или негативно погодена од АИ. Историските податоци засега не укажуваат дека зголемената изложеност довела до негативни последици по вработеноста или платите.

ИТ стручњаци (0,88), бизнис професионалци (0,87), менаџери (0,86), извршни директори (0,85), научници и инженери (0,84), правни, општествени и културни професионалци (0,82) се меѓу најмногу изложените категории на АИ, според податоците на ОЕЦД.

Лејн истакнува дека мажите и жените имаат различни професии, а тие можат да бидат различно погодени од вештачката интелигенција.

На пример, жените се малцинство во работната сила која се занимава со развој и одржување на системи за вештачка интелигенција — области во кои вештините се сè повеќе барани. Од друга страна, жените се мнозинство во административните и канцелариските занимања, кои се особено изложени на ризик од автоматизација со новите и идни напредоци во генеративната вештачка интелигенција.

„Може да се случи родов јаз во однос на тоа кој ги донесува клучните одлуки во развојот на АИ и чии егзистенции ќе бидат најмногу нарушени,“ вели Лејн.

Да не се остави никој зад себе

Кога Лејн и нејзините колеги спровеле анкета меѓу работници во финансискиот и производствениот сектор пред три години, утврдиле дека корисниците на вештачка интелигенција почесто се мажи и имаат повисоко образование во споредба со оние кои не ја користат. Дури и кога се работи за иста професија или сектор, постојат индикации дека мажите почесто се вклучуваат во користење на АИ отколку жените.

„Ова го отвора прашањето дали помалата вклученост на жените во користење на АИ може да доведе до тоа тие да бидат оставени зад себе… Затоа е важно придобивките од вештачката интелигенција да не бидат ограничени само на одредени сегменти од населението,“ додава таа.

Зголемување на женската вработеност во професии изложени на АИ

Работниот документ на Европската централна банка (ЕЦБ) со наслов „Вештачка интелигенција и женската вработеност во Европа“ ја анализира врската помеѓу ширењето на технологиите засновани на АИ и промените во женската вработеност во 16 европски земји во периодот од 2011 до 2019 година. Истражувањето покажало дека, во просек, женската вработеност се зголемила во занимања кои се повеќе изложени на влијанието на АИ.

Професиите во кои доминираат жени биле повеќе изложени на автоматизација во 1990-тите години – како што биле машините во фабриките – што им овозможило на работодавачите да го намалат бројот на рутински работни места, објаснува Стефанија Албанези од Бизнис школата „Мајами Херберт“, која е и прв автор на трудот на ЕЦБ.

Сепак, таа нагласува дека жените успеале да се прилагодат и напредуваат благодарение на повисокото ниво на образование и биле помалку погодени од мажите во времето на технолошките иновации во 1990-тите.

„Поголемите инвестиции на жените во образование во споредба со мажите веројатно ќе го ублажат потенцијално негативното влијание на овие [АИ] технологии врз женската вработеност,“ изјави Албанези за Euronews Next.

Во документот на ЕЦБ се потенцира дека образованието и учеството на жените на пазарот на трудот се клучни фактори кои им овозможуваат да ги искористат придобивките од ширењето на технологиите базирани на вештачка интелигенција во Европа.

„Земјите во кои жените имаат поголем образовен напредок и повисоко учество на пазарот на труд забележуваат посилни позитивни ефекти на женската вработеност како резултат на примената на АИ,“ се наведува во извештајот.

Извор: Euronews

Зачлени се на нашиот е-билтен