Европратеничката Ирена Јовева во својата колумна за Nova.rs се осврна на трагичниот настан во Србија, кој се случи на 1 ноември минатата година, кога под надстрешницата во Нови Сад животот го загубија шеснаесет млади луѓе. Таа вели дека овој датум засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Србија како ден на болка, но и како момент во кој се роди нова, заедничка иднина.
„Кога почнав да ги пишувам овие редови, се запрашав каде бев јас тој ден. Мораше да го прелистам календарот, бев во Сараево, во работна мисија на Европскиот парламент. Но никој во Србија не мора да проверува каде беше на 1 ноември. Сите знаат“, пишува Јовева.
Таа нагласува дека тој ден ќе остане запаметен како трагедија што можела да се спречи, но и како момент на солидарност, човечност и будење на општеството.
„Од изгубените шеснаесет иднини се роди една заедничка, човечка, искрена и полна со надеж. Никогаш не сум видела нешто слично на тоа што го гледаме денес во Србија“, пишува европратеничката, изразувајќи восхит кон граѓаните, особено младите, кои со достоинство и храброст ја претворија болката во обединувачка сила.
Јовева заклучува дека од трагедијата се роди нова енергија и свест за заедничка одговорност, која може да биде почеток на подобра и поправедна иднина за сите.
				
				
															