Судбината на рускиот енергетски гигант „Лукоил“ и неговото работење во Македонија би можела да се реши за околу три недели, кога истекува лиценцата што компанијата ја има од американското Министерство за финансии. Компанијата има рок до 21 ноември да ја финализира зделката со швајцарскиот трговец со енергенси „Гунвор“, преку која се очекува продажба на нејзините странски средства за да се избегнат санкциите на САД.
Во моментот „Лукоил Македонија“ работи вообичаено, но меѓу 550-те вработени владее загриженост за иднината. Компанијата поседува 40 бензински станици и покрива околу 15% од домашниот пазар на нафтени деривати.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека внимателно ја следат ситуацијата и ќе преземат мерки за сигурноста на снабдувањето.
„Будно ја следиме новонастанатата ситуација и ќе преземеме соодветни мерки за обезбедување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати, во координација со европските партнери“, соопштија од Министерството.
Додека се чека одлуката на американскиот OFAC, кој треба да даде зелено светло за зделката, дополнителна неизвесност внесува и одлуката на бугарската влада за забрана на извоз на дизел и керозин, со цел да се спречи недостиг на горива во земјата. Тоа е важно, бидејќи „Лукоил Македонија“ се снабдува со деривати токму од рафинеријата „Нефтохим Бургас“ – најголемата на Балканот, која е дел од групацијата.
„Лукоил“ веќе потпиша договор со „Гунвор“ за продажба на странските средства, меѓу кои се и рафинериите во Бугарија и Романија, како и мрежата на бензински пумпи во Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора. Клучните услови на трансакцијата, според соопштението на компанијата, веќе се договорени, а останува само формалното одобрување од американските власти.
Доколку зделката се реализира, „Гунвор“ ќе го преземе управувањето со повеќе од 100 објекти низ Европа и регионот. Компанијата важи за еден од најголемите меѓународни трговци со нафта и гас, а во последните години активно инвестира во обновливи извори на енергија.
Во Македонија, „Лукоил“ е присутен веќе дваесет години, а годинава го одбележува јубилејот од две децении работа. Компанијата во февруари ја отвори својата 40-та бензинска станица во Гостивар, продолжувајќи со проширување на својата мрежа, и покрај актуелните геополитички предизвици.

