Македонскиот туризам има потенцијал да биде гордост и економска победа за земјата, но резултатите за 2025 година покажуваат дека сме далеку од целта од 4 милиони ноќевања. Според податоците за првите осум месеци од годината, растот на туристите изнесува 5%-7%, а ноќевањата само 1%-2%, со континуиран пад кај домашните туристи.
Доцент д-р Љупчо Јаневски истакнува дека туризмот во моментов учествува со само 4% во БДП на Македонија, додека светскиот просек е околу 10%-11%. Според него, клучот за долгорочен развој е фокус на домашните туристи, кои генерираат 70%-75% од вкупните ноќевања во земји без море.
Јаневски нагласува дека потребна е јасна државна стратегија и структура во туризмот: функционално Министерство за култура и туризам, Национална туристичка организација, четири регионални дестинациски менаџмент органи, туристичка инспекција и современ закон за туризам.
Препораките за развој вклучуваат:
- Поддршка за домашни туристички агенции и конкурентни аранжмани за домашните туристи
- Инвестиции во рурални сместувачки капацитети, планинарски домови, бањи, автокампови и глампинг
- Поволни кредитни линии и даночни олеснувања за развој на туризмот
- Промоција на домашниот туризам и едукација на угостителите
- Долгорочен развој на еко-, агри-, вински, бањски и културно-археолошки туризам
Според Јаневски, со правилен пристап туризмот може да учествува со 8%-10% во БДП, со над 5 милиони ноќевања и туристички промет над 1,5 милијарди долари, создавајќи нови работни места и намалувајќи ја миграцијата на младите.
„За ова да успее, потребни се професионалци на вистинските позиции кои безусловно ќе ги имплементираат државните политики и ќе го градат одржливиот развој на туризмот во Македонија“, заклучува Јаневски.
Извор: Капитал

