Мултиплата склероза (МС) е невролошко заболување што се јавува три пати почесто кај жени отколку кај мажи, а вообичаено се дијагностицира дури по појавата на првите симптоми – преку серија медицински тестови.
Сепак, ново научно откритие дава надеж дека болеста може да се открие многу години порано. Истражувачи откриле дека лицата кои подоцна развиваат мултипла склероза, произведуваат специфична група антитела многу години пред болеста клинички да се манифестира. Тие антитела може да се детектираат со серолошко тестирање, дури и пред да се појават какви било симптоми.
Научно истражување од Универзитетот во Калифорнија
Истражувачите од Универзитетот во Сан Франциско ги споредиле серумските примероци од 250 лица со МС и 250 лица без МС. Притоа, ги анализирале молекуларните профили на автоантитела и нивото на оштетување на нервните клетки, мерено преку т.н. неврофиламентни лесни ланци (sNfL).
Резултатите покажале дека кај лицата на кои подоцна им била дијагностицирана МС, нивото на овие биомаркери било значително повисоко уште многу години пред појавата на симптомите – што укажува дека оштетувањето на нервните клетки започнува долго пред клиничката фаза на болеста.
Покрај тоа, научниците идентификувале карактеристичен образец на автоантитела, наречен „имуногенски кластер“, кој бил присутен само кај оние кои подоцна развиле МС, а отсутен во контролата група.
Потенцијал за рана дијагностика и превенција
„Серолошкиот тест за овие автоантитела би можел да се користи во следење на лица со повисок ризик од развој на МС или кај пациенти со први изолирани невролошки симптоми“, велат авторите на студијата за Medical News Today.
Марјана Кортезе, научничка на Харвардската школа за јавно здравје, додава дека овие антитела можат да помогнат и во проценката на тежината на болеста, како и во разбирањето на нејзините различни клинички и генетски форми.
Повик за нови терапии
Иако раната дијагностика може да донесе значајна предност, Кејтлин Астбери од британското Друштво за мултипла склероза предупредува дека тоа не е доволно:
„Ова откритие нема да помогне на луѓето со прогресивна форма на мултипла склероза, кои речиси и да немаат можности за лекување. Потребни се итно нови терапии за сите кои живеат со оваа болест,“ истакна таа.
Мултиплата склероза е хронично заболување на централниот нервен систем, при што имунолошкиот систем погрешно ги напаѓа заштитните обвивки на нервните влакна. Болеста може да предизвика замор, слабост, нарушен вид, координација и проблеми со рамнотежата.

