ОПЕК+ се согласи да го зголеми производството на нафта во декември

Групата ОПЕК+, во која членуваат најголемите светски извозници на нафта, постигна договор за зголемување на производството за 137.000 барели дневно во декември, јавува Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори.

Во групата се вклучени Саудиска Арабија, Русија, Обединетите Арапски Емирати, Ирак, Кувајт, Оман, Казахстан и Алжир, кои се очекува да го потврдат договорот во текот на денот.

Сепак, дел од земјите разгледуваат можност за привремена пауза во зголемувањето на производството, поради нестабилноста на пазарот и ризикот од прекумерна понуда.

Од април досега, ОПЕК+ ја зголеми производствената квота за повеќе од 2,7 милиони барели дневно, што претставува околу 2,5 проценти од глобалната понуда, но во октомври и ноември растот беше забавен поради проценките дека побарувачката може да ослаби.

Дополнителна неизвесност внесуваат и новите западни санкции против Русија, членка на ОПЕК+, со кои САД и Велика Британија ги таргетираа водечките компании „Роснефт“ и „Лукоил“. Ова може дополнително да го ограничи капацитетот на Москва да го зголеми производството.

Цените на нафтата во октомври паднаа на петмесечно најниско ниво од околу 60 долари за барел, поради стравувањата од прекумерна понуда. Но, во изминатите денови цената се стабилизира на околу 65 долари за барел, поттикната од санкциите против Русија и новиот оптимизам во трговските преговори на САД со своите партнери.

Зачлени се на нашиот е-билтен