Британската полиција соопшти дека 32-годишен маж од Питерборо е единствениот осомничен за масовното бодење со нож во воз во источна Англија, при што беа повредени 11 лица. Иако беше уапсен уште еден маж, против него не се покренати обвиненија.
Петмина од повредените веќе се пуштени од болница, додека најтешко повреден е член на екипажот на возот, кој храбро се обидел да го спречи напаѓачот.
„Снимките од надзорните камери потврдуваат дека неговите постапки биле херојски и спасиле многу животи“, соопшти полицијата.
Инцидентот се случил синоќа, а засега нема индиции дека станува збор за терористички чин. На местото на нападот е пронајден нож, а истрагата за мотивите продолжува.
Осомничениот бил уапсен по вонредно запирање на возот на станицата во Хантингдон, околу 150 километри северно од Лондон.
Според британското Министерство за внатрешни работи, криминалот со употреба на нож во Англија и Велс е зголемен за 87% во последната деценија, а минатата година биле регистрирани над 54.000 прекршоци – една од највисоките стапки во Европа.

