Тензии пред Собранието на Србија – топовски удари и силно полициско присуство на протестот во поддршка на Дијана Хрка

Пред Собранието на Србија во Белград вечерва владее напната атмосфера. Дијана Хрка, мајката на Стеван Хрка – едно од 16-те лица загинати при падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад, штрајкува со глад од утрово, барајќи од претседателот на Србија да исполни три конкретни барања.

Голем број граѓани се собраа пред парламентот за да ѝ дадат поддршка, но присутни се и бројни полициски сили, вклучувајќи специјална бригада за разбијување демонстрации. Напнатоста се зголеми кога група млади лица фрлија пиротехнички средства и се слушнаа топовски удари, што предизвика вознемиреност меѓу демонстрантите.

Ветераните кои беа присутни на протестот ги смируваа граѓаните и пренесоа порака од Дијана Хрка дека таа не сака насилство и ги замоли сите да се повлечат од местата на можен судир со полицијата.

Во Кула се одржа паралелен собир на поддршка, на кој беше нагласено дека Дијана Хрка симболизира борба за правда и крај на институционалното насилство.
„Таа не доби време ни да жали за своето дете – излезе на улица да се избори за вистината“, изјави Златко Остоиќ од иницијативата Кула – наш град.

Во Нови Сад, стотици граѓани излегоа во протестна прошетка, оставајќи црвени отпечатоци од дланки пред зградата на Бановината – седиштето на Безбедносно-информативната агенција (БИА), како и пред просториите на Српската напредна партија и Министерството за внатрешни работи.

Во Белград, полициски кордони се поставени околу Пионерскиот парк и долж улицата на кнез Милош. Ситуацијата моментно е под контрола, но тензиите и понатаму се чувствуваат, а граѓаните бараат правда за жртвите на трагедијата во Нови Сад.

Зачлени се на нашиот е-билтен