Во сообраќајната несреќа што попладнево се случи на булеварот „Илинден“ во Скопје, животот го загуби поранешниот долгогодишен директор на ОХИС, Јорго Ќука.
Според информациите, Ќука бил удрен од автомобил додека возел велосипед, при што се здобил со тешки повреди на кои подоцна им подлегнал.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека 78-годишен велосипедист бил прегазен, а возачот кој ја предизвикал несреќата побегнал од местото на настанот, но бил брзо лоциран и приведен од полицијата.
Јорго Ќука беше познат по својата долга кариера во индустријата и менаџментот на ОХИС, каде што остави значаен белег во развојот на компанијата и во хемиската индустрија во Македонија.
Настанот предизвика тага во јавноста, а граѓаните преку социјалните мрежи упатија сочувство до неговото семејство и најблиските.
				
				
															